НЕМА ОДМОР ЗА РАКОМЕТАРИТЕ – Македонија тргнува по европски сон

Репрезентацијата на Македонија со подготовки во Скопје и контролни натпревари во Швајцарија пред стартот на Европското првенство

НЕМА ОДМОР ЗА РАКОМЕТАРИТЕ – Македонија тргнува по европски сон
Фото: Принтскрин

Додека поголемиот дел од јавноста сè уште го слави почетокот на Новата година, најдобрите македонски ракометари веќе се враќаат на своите обврски.

Машката сениорска репрезентација на Македонија ги продолжува подготовките за настапот на претстојниот Европски шампионат. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров во наредните неколку дена ќе тренираат во Скопје, по што ќе заминат за Швајцарија.

Во швајцарскиот град Винтертур, од 8 до 10 јануари, македонската селекција ќе одигра три контролни натпревари – против домашната репрезентација на Швајцарија, како и против селекциите на Бахреин и Украина. Овие средби ќе бидат клучни за селекторот Лазаров, кој преку нив ќе го дефинира конечниот список на ракометари што од 15 јануари ќе настапуваат на Европското првенство.

По завршувањето на подготовките во Швајцарија, македонската експедиција ќе отпатува во Хернинг, Данска, каде ќе ги одигра натпреварите од првата фаза на шампионатот. Македонија ќе го отвори турнирот на 16 јануари со дуел против ко-домаќинот и еден од главните фаворити за освојување на златниот медал репрезентацијата на Данска. На 18 јануари следува натпреварот против Португалија, а групната фаза ќе биде заокружена со дуелот со Романија на 20 јануари.

Примарна цел на македонската репрезентација е пласман во втората, главна фаза на првенството, во која ќе продолжат двете најдобро пласирани селекции од секоја група. Иако задачата нема да биде лесна, со најавената силна поддршка од македонските навивачи, ракометарите ќе имаат можност да покажат дека поседуваат квалитет за поголеми резултати.

CATEGORIES
Share This