НЕМА КРАВИ – ИМА ПОЖАРИ Тоа е моја теорија, јас му ја кажав на Мицкоски
Ангелов потврди дека секојдневно го „храни“ со информации Мицкоски и дека токму тој му ја сугерирал „фамозната“ изјава за немањето крави.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во емисијата „Стадион“ на Канал 77 оцени дека една од причините поради кои пожарите полесно се шират околу селата е и фактот што голем број населени места се полупразни, а сточарството е значително намалено.
Според Ангелов, порано козите, овците и останатиот добиток ја одржувале вегетацијата ниска, со што се намалувала можноста огнот брзо да се прошири.
„Козите пасат ниско и ги брстат ниските гранчиња и израстоци на растенијата, па огнот не може лесно да ја дофати другата вегетација. Немаме овци кои ја паселе тревата, немаме говеда“, рече Ангелов.
Тој посочи дека денес говедата најчесто се чуваат на фарми, додека бројот на коњи, магариња и друг добиток е сведен на минимум во споредба со периодот пред седум децении.
„Во овие села порано немало многу трева. Еден дел ја пасел добитокот, а другиот дел го жнееле и коселе самите селани“, додаде Ангелов.
Во однос на координацијата со Владата, Ангелов рече дека премиерот Христијан Мицкоски секојдневно добива информации за состојбата со пожарите и дека тој ја има потребната поддршка од највисоко ниво.
Ангелов потврди и дека токму тој му сугерирал на Мицкоски да ја изнесе изјавата дека недостигот на крави, односно намалениот број на добиток, е една од причините за ширењето на пожарите.
„Тоа е од мене, јас го хранам премиерот со информации. Секое утро го брифирам“, рече Ангелов.

