НЕМА ДА ПОМОГНЕ НИ ДЕЛЕЊЕТО НА СМЕТКАТА – ЕУ со строги правила за готовината
Од 10 јули 2027 година, трговците и давателите на услуги во ЕУ нема да смеат да прифаќаат готовински плаќања од 10.000 евра или повеќе. Нема да помогне ниту делењето на сумата на повеќе помали уплати, а при трансакции од 3.000 евра ќе бидат можни дополнителни проверки.

Големите готовински плаќања во Европската Унија наскоро ќе бидат ограничени со нови правила насочени кон спречување перење пари и финансирање тероризам. Од 10 јули 2027 година, трговците и давателите на услуги, по правило, нема да смеат да прифаќаат готовински плаќања во износ од 10.000 евра или повеќе.
Новите правила произлегуваат од европската уредба (ЕУ) 2024/1624, која од наведениот датум ќе почне директно да се применува во земјите членки на ЕУ.
Ограничувањето ќе важи и за оние што ќе се обидат да ја избегнат забраната со делење на вкупната сума на неколку помали готовински уплати. Доколку тие уплати се дел од иста деловна трансакција, нивната вредност ќе се пресметува заедно.
Дополнителни проверки ќе бидат можни и при готовински трансакции од 3.000 евра. Во одредени случаи, купувачите ќе треба да го докажат својот идентитет со лична карта или пасош.
Тоа, сепак, не значи дека готовината ќе биде укината. Новите правила се однесуваат на плаќањата во деловните трансакции, додека исклучок ќе има кај продажбата меѓу физички лица кои не настапуваат во рамките на деловна или професионална дејност. Таков пример е продажбата на автомобил од едно физичко лице на друго.
Важно е да се нагласи дека ограничувањето се однесува на земјите членки на Европската Унија и не значи дека автоматски ќе важи и во Македонија. За примена на исти или слични правила во земјава би бил потребен соодветен правен основ.

