НЕКА ПРОГОВОРИ СОВЕСТА, А НЕ ИНТЕРЕСОТ Кочани повторно маршираше во чест на младите животи од „Пулс“

Почетокот на судскиот процес за трагедијата во „Пулс“, во која загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени, е закажан за 19 ноември годинава.

НЕКА ПРОГОВОРИ СОВЕСТА, А НЕ ИНТЕРЕСОТ Кочани повторно маршираше во чест на младите животи од „Пулс“
Фото: Национал

Во Кочани денес се одржа 28. „Марш за ангелите“ – настан посветен на сеќавањето на младите животи загубени во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Родителите и блиските на жртвите, заедно со граѓани поддржувачи, и оваа година маршираа низ градот со порака дека само вистината може да им донесе мир на нивните ангели.

Маршот започна кај Трговскиот центар, продолжи покрај просториите на УЈП и Полициската станица, а потоа учесниците застанаа пред зградите на Основниот суд и Обвинителството, каде што на оградата беа поставени фотографии од младите кои го загубија животот во пожарот на 16 март. Завршницата на маршот се одржа во „Паркот на револуцијата“.

Со силни и емотивни пораки, родителите повикаа институциите конечно да ја соочат вината со вистината и да покажат совест, наместо интерес.

„Само вистината може да им донесе мир на нашите ангели“, порачаа тие, апелирајќи до сите што, како што рекоа, „ја продале душата за фотелја, пари или лажна моќ“ да застанат и одговорно да ја признаат својата вина.

„Не се кријте зад прес-конференции и лажни насмевки. Наведнете ја главата и кажете: ‘Да, згрешивме’. Бараме правда не за утеха, туку за вистината. Бараме судница што ќе биде храм, а не циркус, и судии што ќе мерат со срце и закон, а не со нарачка. Бараме држава што ќе ја штити вистината, а не вината“, се рече во обраќањето на мајка на едно од починатите момчиња.

Почетокот на судскиот процес за трагедијата во „Пулс“, во која загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени, е закажан за 19 ноември годинава.

CATEGORIES
Share This