НЕ САКАМ МИНИМАЛЕЦ ОД 600, ТУКУ 1.000 ЕВРА 0ткри и кои проекти сака да ги почне до крајот на мандатот

Премиерот вели дека за повисока минимална плата се потребни план и економска стабилност, а не „политика на егзибиционизам“. Во гостувањето на ТВ21 зборуваше и за 1.233 општински проекти, нови работни места, автопатишта, студентски домови и плановите за „Чебрен“ и „Галиште“.

НЕ САКАМ МИНИМАЛЕЦ ОД 600, ТУКУ 1.000 ЕВРА 0ткри и кои проекти сака да ги почне до крајот на мандатот
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека посакува минималната плата во земјава да достигне 1.000 евра, но нагласува дека за такво зголемување е потребно соодветно планирање и стабилна економска политика. Во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, тој се осврна на висината на платите, економските резултати, инфраструктурните инвестиции и енергетските проекти што Владата планира да ги реализира.

„Не шесто, илјада. Јас сакам илјада“, рече Мицкоски, коментирајќи ги барањата за зголемување на минималната плата.

Тој ја посочи Црна Гора, каде што, според неговите зборови, се најавува минимална плата од 1.000 до 1.250 евра од 1 јануари 2027 година, но нагласи дека ваквите најави отвораат прашања за начинот на кој ќе се реализираат.

„Нам не ни треба политика на егзибиционизам, туку ни треба политика на стабилност“, истакна премиерот.

Тој оценува дека земјава остварува добри економски резултати, иако, како што призна, остануваат проблеми што допрва треба да се решаваат.

Мицкоски рече дека граѓаните денес живеат подобро отколку пред три години и изрази уверување дека животниот стандард дополнително ќе се подобри во наредниот период.

Покрај минималната плата, премиерот ги претстави и инфраструктурните активности на Владата, наведувајќи дека во општините во моментов се реализираат вкупно 1.233 проекти.

Меѓу поголемите зафати ги издвои изградбата на шест автопатишта, два гасовода и два студентски дома, како и инвестициите во железничката инфраструктура, училиштата и патната мрежа.

Како примери за проекти што се активирани или чија реализација продолжува, ги посочи експресните патишта Страцин – Крива Паланка и Градско – Фариш – Дреново, железничката линија Куманово – Бељаковце и продолжувањето на пругата кон границата со Бугарија.

Во плановите ги спомена и брзите патишта од Кочани преку Виница до Делчево и од Радовиш до Струмица, како и далекуводот Битола – Елбасан.

Во делот на образованието, Мицкоски најави дека два студентски дома се подготвуваат за пуштање во употреба, додека осум училишни домови треба да влезат во фаза на реализација. Тој упати и покана за посета на училиштето „Крсте Мисирков“ во Ченто.

Осврнувајќи се на пазарот на трудот, премиерот рече дека од изборот на Владата се отворени околу 17.000 нови работни места.

Според податоците што ги презентираше, бројот на вработени се зголемил од 691.000 на 708.000, додека стапката на невработеност се намалила за повеќе од еден процентен поен на годишно ниво.

Како еден од најзначајните приоритети во енергетиката, Мицкоски ги издвои хидроенергетските проекти „Чебрен“ и „Галиште“, за кои рече дека сака да бидат започнати до крајот на мандатот.

„Имам за цел да ставиме камен-темелник на Чебрен и Галиште. Имам таква цел затоа што тоа е иднината на државата“, изјави премиерот.

Тој порача дека Владата ќе продолжи со реализацијата на инфраструктурните и енергетските инвестиции, оценувајќи дека тие се важни за економскиот развој и подобрувањето на условите за живот.

Пораките од гостувањето, според Мицкоски, се дека повисоките плати треба да бидат резултат на одржлив економски раст, додека инвестициите во патиштата, железницата, образованието и енергетиката треба да создадат основа за подобар животен стандард во наредните години.

CATEGORIES
Share This