НЕ БИЛ ЗЕМЈОТРЕС Откриено што ја предизвикало разорната катастрофа во Непал
Масивно свлечиште ослободило енергија еквивалентна на земјотрес со магнитуда од 4,4 степени.

Американскиот геолошки завод (USGS) соопшти дека катастрофалните поплави и лизгањата на земјиштето во Непал се поврзани со масивно свлечиште кое ослободило сеизмичка енергија еквивалентна на земјотрес со магнитуда од 4,4 степени.
Дополнителната анализа на сеизмичките бранови со долг период покажала дека енергијата потекнува од самото свлечиште, а не од земјотрес. Ваквите појави можат да бидат предизвикани од различни фактори, меѓу кои обилните врнежи и топењето на мразот, кои ја дестабилизираат почвата или снежно-ледената покривка.
Во меѓувреме, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази жалење поради разорните поплави во Непал и Кина, кои однесоа човечки животи и предизвикаа голема материјална штета.
Тој информираше дека Обединетите нации и хуманитарните партнери мобилизираат залихи и персонал за помош на погодените заедници, додавајќи дека во Непал ОН го поддржува одговорот предводен од владата.
Речиси 1.500 лица, вклучувајќи најмалку 800 странци, се водат како исчезнати низ Непал и кинескиот регион Тибет, соопштија властите откако одрони од карпи и кал беа однесени во хималајската река, предизвикувајќи катастрофални поплави во градовите и долините.

