НБА ПЛАНИРА НОВО ЕВРОПСКО НАТПРЕВАРУВАЊЕ – Старт во октомври 2027 година
Проектот има за цел развој на млади играчи, повисоки плати за кошаркарите и зголемување на приходите за клубовите

НБА во соработка со ФИБА планира ново европско натпреварување кое би стартувало во октомври 2027. Лигата ќе има 16 тимови – 12 постојани и 4 кои ќе се квалификуваат преку ФИБА Лигата на шампионите. Градови како Лондон, Манчестер, Милано, Рим, Истанбул, Атина, Париз, Берлин, Минхен, Мадрид и Барселона се на листата.
Новата лига ќе ги прилагоди натпреварите со домашните лиги и репрезентативните паузи, што ќе им овозможи на македонските репрезентативци да играат за националниот тим без конфликт со клубовите.
Европските гиганти Реал Мадрид, Барселона и Фенербахче мораат да одлучат до 16 јануари дали ќе се приклучат на новата лига или ќе останат во Евролигата. Влезот ќе чини 250-500 милиони евра, а во игра се и фудбалски клубови со големи навивачки бази.
Проектот е насочен кон развој на млади играчи, повисоки плати и поголеми приходи, а средината на јануари 2026 ќе покаже дали НБА Европа ќе ја промени картата на европската кошарка.
Меѓутоа, проектот уште не заживен стигна информацијата декаа Евролигата официјално ја извести НБА дека може да иницира правна постапка доколку се водат преговори за нов европски проект со клубови кои веќе имаат обврски кон Евролигата за следните десет години.
Според извори на „Еурохупс“, писмото е испратено минатата недела, а сите клубови со А-лиценца се информирани за ситуацијата. Овој потег дополнително ја потврдува конкуренцијата меѓу Евролигата и НБА за европскиот пазар, а следните месеци можат да донесат значајни промени.
На неодамнешниот состанок на акционерите на Евролигата, Реал Мадрид, Барселона и Асвел добиле рок да одлучат за својата иднина. Се верува дека Фенербахче е меѓу клубовите кои не потпишале нови лиценци. Рокот за целосна посветеност на натпреварувањето истекува во петок, па одговорите може да пристигнат наскоро.
Правно, клубовите можат да потпишат нови лиценци до 30 јуни 2026 година, што отежнува прецизно предвидување на исходот. Се смета дека Барселона и Фенербахче ќе потпишат договор, додека одлуката на Реал Мадрид останува неизвесна, а дните на Асвел во Евролигата се одбројани.


