НАУЧНА РАБОТИЛНИЦА ЗА ДЕЦА Отворено предавање за предизвиците на родителството

Иницијативата „Заедно знаеме повеќе“, во организација на Скопје Сити Мол и во соработка со киното Синеплекс, обединува бесплатни едукативни предавања и интерактивни работилници за деца, преку кои се отвораат теми од секојдневниот живот, образованието, науката и креативноста

НАУЧНА РАБОТИЛНИЦА ЗА ДЕЦА Отворено предавање за предизвиците на родителството
Фото:Public Relations Manager

Во сабота, на 21 ноември, во рамки на иницијативата „Заедно знаеме повеќе“ ќе се одржат отворено и бесплатно предавање и научна работилница за деца.

Во 12 часот, во киното Синеплекс, Драган Даскаловски, експерт за ран детски развој ќе го одржи предавањето „Мало дете, големи очекувања“, посветено на родителските дилеми, очекувањата и природниот развој на децата до петгодишна возраст.

Во два термини, од 11 до 12.30 часот и од 12.30 до 13.30 часот, на вториот кат во Скопје Сити Мол, ќе се одржи научната работилница „Кој каде припаѓа? Разновидноста во растителниот свет“, наменета за деца на возраст од шест години и постари, под менторство на Ангела Шаровиќ Иванова.

ПРЕДАВАЊЕ: „Мало дете, големи очекувања“

Колку често родителските очекувања се усогласени со реалните можности на детето во одредена фаза од развојот? Кога е потребно да се постават граници и да се интервенира, а кога е подобро на детето да му се даде време самостојно да учи и да расте? Овие прашања ќе бидат во фокусот на предавањето што ќе го води Драган Даскаловски, во рамки на „Платформата за нови сознанија“.

Предавањето е наменето за родители на деца до петгодишна возраст. Преку конкретни примери од секојдневието, Даскаловски ќе зборува за родителските очекувања, предизвиците во воспитувањето, поставувањето граници и улогата на играта во детскиот развој.

„Денес имаме пристап до многу совети за воспитување и методи за поттикнување на детскиот развој. Често се прашуваме дали постапуваме правилно, а поретко дали очекуваме премногу од детето. На предавањето ќе зборуваме како очекувањата на родители се пренесуваат и врз децата и како познавањето на развојот, но и на детето, може да ни помогнат да бидеме посигурни во пристапот. Низ секојдневни примери ќе разгледаме кога е важно да истраеме, кога да помогнеме и кога да дадеме време. Ќе зборуваме за границите, за она што детето го учи од нашиот однос и за просторот што му го оставаме за игра, за обиди и за грешки“, вели Даскаловски.

Во фокусот ќе бидат и дилемите со кои родителите се соочуваат во различни ситуации: кога треба да истраат во поставените правила, кога е потребна нивна интервенција, а кога треба да му дозволат на детето самостојно да истражува, да учи и да ги развива своите способности. Целта е подобро разбирање на детските потреби и природното темпо на развој, но и преиспитување на сопствените очекувања, со наоѓање рамнотежа помеѓу поддршката, доследноста и слободата за самостојно растење.

НАУЧНА РАБОТИЛНИЦА: „Кој каде припаѓа? Разновидноста во растителниот свет“

Во рамки на „Клубот на истражувачи“, децата ќе имаат можност преку практично истражување да се запознаат со разновидноста на растителниот свет и да откриваат по што се разликуваат мововите, папратите, голосемените и скриеносемените растенија. Работилницата ќе ја води Ангела Шаровиќ Иванова.

„Наместо само да учат за нивните карактеристики, учесниците ќе имаат можност непосредно да ги набљудуваат различните растителни структури со помош на лупа, бинокулар и микроскоп. Ќе истражуваат семиња, спори, полен и цветови, ќе ги споредуваат нивните карактеристики, а стекнатите сознанија ќе ги применат во практична активност – самостојно повторно групирање на растенијата според нивните заеднички особености“, велат организаторите.

Иницијативата „Заедно знаеме повеќе“, во организација на Скопје Сити Мол и во соработка со киното Синеплекс, обединува бесплатни едукативни предавања и интерактивни работилници за деца, преку кои се отвораат теми од секојдневниот живот, образованието, науката и креативноста

CATEGORIES
Share This