НАТО ПОКАЖУВА СИЛА Започнува „Immediate Response 25“ најголемата воена вежба во Македонија
Како дел од програмата, на 23, 24 и 25 мај воените оркестри на Армијата на Македонија и САД ќе одржат концерти во Штип, Битола и Скопје.

Армискиот полигон Криволак од 26 мај до 9 јуни ќе биде центар на мултинационалната воена вежба „Immediate Response 25“, дел од пошироката серија „Defender 25“, која има за цел унапредување на регионалната безбедност, зајакнување на подготвеноста на НАТО и поддршка на одбранбените планови на Алијансата.
Како што соопшти началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, оваа вежба претставува една од најголемите досега организирани во земјата, со учество на околу 2200 припадници на вооружените сили од седум земји членки на НАТО и две партнерски држави.
„Вежбата има за цел да ја подобри интероперабилноста меѓу сојузничките и партнерските сили, како и да ја зајакне нивната способност за заедничко делување во сложени услови и брза реакција во источниот дел на Европа“, изјави Лафчиски.
Ко-директорот на вежбата, потполковник Ристо Стоев, објасни дека сценариото предвидува широк спектар на активности, меѓу кои мултинационални боеви гаѓања, сајбер-вежби, премин преку река и АБХО (нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана). „Вежбата ќе ги демонстрира способностите и капацитетите на Армијата за организација и координација на големи воени операции во соработка со НАТО сојузниците“, истакна Стоев.
Во вежбата ќе учествуваат:
-
Македонија со 950 припадници,
-
САД со 710 војници,
-
Црна Гора со 185,
-
Косово со 150,
-
Австрија со 70,
-
Грција со 50,
-
Албанија и Италија со по 30,
-
Обединетото Кралство со 2 учесници.
Единиците ќе дејствуваат со своја формациска опрема, меѓу кои ќе бидат вклучени тенкови „Леопард“, борбени хеликоптери „AH-64 Apache“, медицински транспортни хеликоптери „Black Hawk“, инженериски возила „Хаски“, минофрлачи од 120 мм, транспортен хеликоптер „Ми-8/17“, како и оклопни возила JLTV и HMMWV. Во текот на вежбата ќе се користи стандардна маневарска и боева муниција за пешадија и артилерија.
Како дел од програмата, на 23, 24 и 25 мај воените оркестри на Армијата на Македонија и САД ќе одржат концерти во Штип, Битола и Скопје. На 1 јуни во Кавадарци ќе се одржи Отворен ден за граѓаните со приказ на воената опрема, додека на 2 јуни ќе се реализира вежбата „Засилен пешадиски баталјон во напад“ во рамки на Денот за високи гости.


