НАПРЕДОК ВО ЖЕНЕВА: САД и Кина на пат кон деескалација на трговската војна
Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, денеска соопшти дека е постигнат значителен напредок во трговските разговори со Кина, кои се одржуваат во Женева.

Разговорите се водат со цел да се намалат тензиите меѓу двете најголеми економии во светот, кои веќе неколку месеци се во ескалирачка трговска војна.
„Со задоволство можам да известам дека постигнавме значителен напредок меѓу САД и Кина во многу важни трговски преговори,“ изјави Бесент пред новинарите, најавувајќи дека деталите ќе бидат објавени утре.
Тој потврди дека американскиот претседател Доналд Трамп е веќе информиран за текот на преговорите.
Грир: Разликите не се толку големи
Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир, кој исто така учествува во разговорите, оцени дека и покрај првичните тврди позиции, двете страни се приближиле во ставовите.
„Ова беа два многу конструктивни дена. Важно е да се разбере колку брзо успеавме да постигнеме договор, што покажува дека разликите можеби не се толку големи како што можеби изгледаа,“ рече Грир.
Тој додаде дека договорот постигнат со кинеските партнери ќе помогне да се намали трговскиот дефицит на САД, кој моментално изнесува 1,2 трилиони долари.
Прв директен контакт по воведувањето на царини
Ова е прва директна средба меѓу американските претставници Бесент и Грир со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг откако двете држави воведоа меѓусебни царини од над 100 проценти. И двете страни ја опишаа средбата како клучен чекор кон стабилизација на трговските односи и избегнување на понатамошни последици врз глобалната економија.
Очекувањата се дека утрешниот брифинг ќе открие повеќе детали за потенцијалниот договор и идните чекори.


