НАД 36 ИЛЈАДИ СТАНОВИ ЗА ПЕТ ГОДИНИ А секој трет стан во Македонија е празен
Градежната експанзија продолжува, додека цените на недвижностите растат – во Скопје просечната барана цена достигна 2.156 евра за квадрат.

И покрај фактот што во Македонија повеќе од една третина од станбениот фонд е ненаселен, изградбата на нови станови продолжува со засилено темпо.
Според податоците од Пописот во 2021 година, во земјава имало 307.187 ненаселени станови, што претставува 36,6 отсто од вкупниот број станбени единици.
Во периодот од 2020 до 2025 година, пак, во Македонија биле изградени вкупно 36.281 нов стан, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, објавени од 4news.mk.
Најголем број станови биле завршени во 2024 година, кога биле изградени 7.917 станбени единици.
Во исто време, пазарот на недвижности продолжува да бележи значителна активност. Податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности за периодот април-јуни 2026 година покажуваат 8.369 трансакции, при што купопродажбите пораснале за 20,2 отсто.
Растот на цените е особено изразен во Скопје. Во првата половина од 2026 година, просечната барана цена на становите во главниот град достигнала околу 2.156 евра за квадратен метар, според податоците на „ЦенаКвадрат“.
Дополнително, Народната банка на Северна Македонија регистрирала годишен раст на цените на станбените недвижности од околу 25 отсто во последниот квартал од 2025 година.
Рекордни цени се регистрирани и при конкретни купопродажби. Најскапата регистрирана трансакција за нов стан била реализирана во Општина Центар, каде стан со површина од 50 квадратни метри бил продаден за 168.000 евра, односно 3.360 евра за квадратен метар.
Кај староградбата, пак, највисоката цена била евидентирана во Охрид, каде квадратен метар достигнал околу 3.200 евра.
Така, додека бројот на новоизградени станови расте, значителен дел од постојниот станбен фонд останува празен, а цените на недвижностите продолжуваат да се движат во нагорна линија.
3.360 ЕВРА ЗА КВАДРАТ Цените на становите во Македонија продолжуваат да дивеат

