НАЦИОНАЛ ДОЗНАВА ДЕКА НОВ ЛИДЕР НА ВРЕДИ ЌЕ БИДЕ КАСАМИ Продолжуваат без Таравари со ново пратеничко прегрупирање
Синоќа, новоформираната партија го одржа својот прв состанок на кој беше формирано претседателството, а во наредните денови се очекува конституирање на другите органи на партијата, како и изборните штабови за претстојните локални избори.

Политичката сцена меѓу албанските партии во Македонија доби нова димензија откако беше официјализирано формирањето на новата политичка партија Вреди, без учество на Арбен Таравари. Лидерите Билал Касами, Имер Ибрахими, Фатон Меџити и Ќендрим Ќоку ја потврдија заедничката соработка со создавање нов политички субјект, кој според информации на Национал, ќе биде предводен од Касами.
Синоќа, новоформираната партија го одржа својот прв состанок на кој беше формирано претседателството, а во наредните денови се очекува конституирање на другите органи на партијата, како и изборните штабови за претстојните локални избори.
Иако Таравари не бил дел од состанокот, политичките движења во рамки на поранешната коалиција не запираат. Според неофицијални извори, е во подготовка нова пратеничка група под името Вреди, чиј координатор најверојатно ќе биде лидерот на Самоопределување, Ќендрим Ќоку. Засега до претседателот на Собранието, Африм Гаши, не е поднесено официјално барање за формирање на оваа пратеничка група.
Во меѓувреме, Таравари и досегашниот координатор на пратеничката група на Алијанса, Халил Снопче, сигнализираат дека во случај на разделба, Алијанса ќе дејствува како посебна парламентарна група. Меѓутоа, двајцата имаат различни ставови околу легитимноста на актуелната влада без учество на Алијанса.
Од владината коалиција засега не изразуваат загриженост. Велат дека мнозинството останува стабилно и во случај Таравари и неговата Алијанса да не бидат дел од него.
Политичките тензии кулминираа по минатомесечната изјава на Таравари, кој постави услов до коалициските партнери – или да добие шест кандидатури за градоначалници и поголемо учество во советничките листи за локалните избори, или да се натпреварува самостојно. Тој услов очигледно не беше прифатен, што го отвори патот за сегашното политичко преструктуирање.
Ситуацијата останува динамична, а јавноста со интерес ги следи следните чекори на новоформираната партија Вреди, како и позицијата на Алијанса и Таравари во новонастанатите околности.


