НА УДАР ИЛИ НЕДОРАЗБИРАЊЕ – УЈП со важно појаснување за студентите

Обврските важат за сите резиденти, вклучително и студентите.

НА УДАР ИЛИ НЕДОРАЗБИРАЊЕ – УЈП со важно појаснување за студентите
Фото: Национал

Управата за јавни приходи (УЈП) реагира на објавите во дел од медиумите дека студентите се „на удар“ и дека им се бара плаќање данок за сезонска работа во Германија за последните пет години, нагласувајќи дека станува збор за погрешни толкувања.

Од УЈП потенцираат дека не воведуваат нови обврски, ниту бараат нешто што не е веќе утврдено со закон. Активностите, како што велат, се насочени кон воспоставување ред во оданочувањето и еднаква примена на правилата за сите граѓани.

Наместо присилен пристап, институцијата се фокусира на поттикнување доброволно пријавување на приходите, преку навремено информирање и појаснување на обврските.

Во изминатиот период, УЈП објавила низа материјали на својата веб-страница – од одговори на најчести прашања до видео-упатства и потсетници за роковите. Дополнително, биле испратени и персонализирани известувања до граѓаните кои во 2025 година оствариле доход во странство, вклучително и студентите.

Од Управата нагласуваат дека овие мерки не значат дека некој е „таргетиран“, туку имаат цел да ја зголемат свеста за законските обврски и да помогнат тие да се исполнат навремено.

УЈП повторува дека двојно оданочување не постои, бидејќи тоа е регулирано со меѓународни договори. Сепак, секој македонски даночен резидент има обврска да го пријави доходот остварен во странство.

Како резиденти се сметаат лицата со постојано живеалиште во државата или оние кои престојуваат повеќе од 183 дена во текот на една година, како и лицата чие „средиште на животни интереси“ е во земјава.

Според законот, доход од работа опфаќа и приходи од привремени ангажмани во странство, како што е сезонската работа на студенти.

Северна Македонија има склучено договор со Германија за избегнување двојно оданочување, со кој се утврдува каде се плаќа данокот. Во случај на краткотрајна работа (помалку од 183 дена), студентите остануваат даночни резиденти на Македонија и имаат обврска да го пријават доходот преку системот за е-даноци и да поднесат пресметка најдоцна до 10-ти во месецот за претходниот месец.

Во овие случаи, данокот се плаќа во Македонија, а по одобрување на пресметката од УЈП, обврзникот добива налог за плаќање кој треба да се реализира до 15-ти во месецот.

Од УЈП посочуваат и дека, според достапните информации, данокот задржан во Германија често им се враќа на студентите, што значи дека остварениот доход подлежи на оданочување во Македонија.

Од институцијата апелираат граѓаните, особено младите, навремено да се информираат и да ги исполнуваат своите обврски, со цел да се обезбеди правична и еднаква даночна практика.

За повеќе информации, граѓаните можат да се обратат на официјалната веб-страница на УЈП.

CATEGORIES
TAGS
Share This