НАЈПРВО ПОТВРДА НА КОАЛИЦИЈАТА – Потоа кандидатите за градоначалници на Куманово и Центар
Преговорите со партиите што се дел од нашата внатрешна коалиција се во тек. Тие се наш приоритет и очекувам коалицијата да биде потврдена.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ најпрво ќе ја потврди внатрешната коалиција со политичките партии, по што ќе продолжат разговорите со владините коалициски партнери. Ова го кажа во одговор на новинарско прашање за текот на преговорите со партнерите „Вреди“ и „ЗНАМ“, како и за тоа кога ќе бидат познати кандидатите за градоначалници на општините Центар и Куманово.
„Преговорите со партиите што се дел од нашата внатрешна коалиција се во тек. Тие се наш приоритет и очекувам коалицијата да биде потврдена. Потоа ќе продолжиме и со разговорите со владините партнери. Засега, се одвиваат во одлична и позитивна насока. Штом имаме повеќе детали, ќе ги информираме граѓаните,“ изјави Мицкоски.
Во врска со обвинувањата од страна на СДСМ за квалитетот на новоизградената делница од автопатот Кичево – Охрид, Мицкоски одлучи да не одговара директно:
„Не би ги коментирал СДСМ. Мислам дека имаат поважна работа, а пред сè, треба да се консолидираат внатрешно, бидејќи наскоро ги очекува уште еден изборен пораз,“ рече премиерот.
Тој ја пофали динамиката на изградбата на автопатот кој е дел од Коридорот 8, нагласувајќи ја напорната работа на теренот:
„Пред само осум месеци, состојбата на терен беше критична. Сега, благодарение на посветената работа во три смени, можеме да се пофалиме со првите 17 километри од трасата,“ изјави Мицкоски.


