МОСАД БАРА НОВ НАПАД ВРЗ ИРАН Шефот на израелската разузнавачка служба лобирал кај администрацијата на Трамп
Роман Гофман на средбите во Вашингтон се залагал за заедничка воена операција против Иран, откриваат извори запознаени со разговорите.

Директорот на израелската разузнавачка служба Мосад, Роман Гофман, за време на минатонеделните разговори со високи претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се залагал за заеднички американско-израелски напади врз Иран, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на две лица запознаени со разговорите.
Гофман престојувал во Вашингтон, каде што остварил средби со високи американски функционери, меѓу кои и директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ратклиф. За време на разговорите, шефот на Мосад ги презентирал израелските разузнавачки информации за Иран, вклучувајќи податоци поврзани со иранската нуклеарна програма.
По посетата на Вашингтон, Гофман отпатувал и во Мајами, каде што се сретнал со специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, објавија израелските медиуми. Според информациите објавени од „Ројтерс“, клучната цел на посетата била да се претстават израелските проценки за Иран и да се придобие поддршка од американската администрација за заеднички воени акции.
Предлогот на шефот на Мосад доаѓа во период на зголемени тензии околу иранската нуклеарна програма и отвора прашања за можноста од нова воена конфронтација меѓу Израел, Иран и САД.

