МИНИСТЕРОТ АЛИУ – Податоците ќе се движат со пациентот, не пациентот со податоците
Приватните болници задолжително да овозможат дигитален пристап до податоците на пациентите

Министерот за здравство, Азир Алиу, на отворањето на Саемот за медицина, стоматологија и фармација – Health Innovation Expo 2025 во Скопје, порача дека здравствениот систем на 21-от век се гради со податоци, дигитализација и предвидување, а не само со ѕидови и апарати.
„Податоците треба да се движат со пациентот, а не пациентот со податоците. Лекарите ќе имаат моментална и точна слика на здравствената историја на секој пациент, а пациентите ќе можат да ги следат сите свои податоци сами“, истакна Алиу.
Министерот нагласи дека дигитализацијата е темел за еднакво и достапно здравство и овозможува телемедицина и следење на хронични заболувања во реално време.
Од минатиот месец, рече Алиу, сите приватни болници се задолжени да ги отворат своите бази и да овозможат пристап до податоците за третман преку системот „Мој термин“, без разлика дали пациентот плаќа од свој џеб или не.
Тој додаде дека користењето на дигитални протоколи, вештачка интелигенција и алгоритми овозможува рано откривање на здравствени ризици, помалку чекање, помалку непотребни хоспитализации и повеќе грижа за пациентите.
„Работиме на национално електронско досие за секој граѓанин и интеграција на сите здравствени установи и сервиси во државата, со цел стандардизација, професионализам и навремена грижа за пациентите“, заклучи министерот.

