МЛАДИТЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА СОПСТВЕН БИЗНИС – Само за два дена поднесени 1.400 барања за мерката самовработување
Јавните повици ќе бидат отворени до 20 јуни, а од Министерството за економија најавуваат и нови повици во рамки на другите мерки од Оперативниот план

За само два дена од објавувањето на јавните повици за мерката за самовработување, поднесени се околу 1.400 апликации, што укажува на исклучително висок интерес кај граѓаните. Ова е дел од Оперативниот план за вработување за 2025 година, кој годинава се реализира со рекорден буџет од над 40 милиони евра.
Фокусот на Планот е насочен кон младите, претприемништвото и социјалната инклузија. Од Владата информираат дека само за оваа мерка се обезбедени дополнителни 7,5 милиони евра повеќе од минатата година, со цел поттикнување на развојот на мали бизниси и задржување на младите во земјата.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, ги повика младите и сите заинтересирани да се пријават на еден од трите активни јавни повици. Тој нагласи дека најмалку 40 отсто од средствата од Оперативниот план се наменети токму за младите.
„Нашата цел е јасна – сакаме младите да останат во Македонија. Тие имаат партнер во Владата“, изјави Ристески.
Мерката за самовработување нуди финансиска поддршка, стручна помош при изработка на бизнис-план, обуки за претприемништво и шестмесечно менторство. Особен акцент е ставен на поддршка за ранливите категории – лица со попреченост, жени од рурални средини и припадници на ромската заедница.
Заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова, изјави дека сите граѓани може да аплицираат во еден од 30-те центри за вработување низ државата. Таа ја истакна големата заинтересираност и ги охрабри граѓаните да ја искористат оваа можност.
„Ова е шанса што не треба да се пропушти. Во првите 48 часа пристигнаа околу 1.400 пријави, што зборува дека граѓаните се подготвени да преземат иницијатива за сопствен бизнис“, рече Пешова.
Дополнително, директорката за поддршка на претприемништвото, Даниела Димовска, посочи дека апликантите ќе добијат целосна стручна поддршка – од советување при изработка на бизнис-план, до обуки и менторство во првите месеци од работењето.
Јавните повици ќе бидат отворени до 20 јуни, а од Министерството за економија најавуваат и нови повици во рамки на другите мерки од Оперативниот план. Планот има за цел директна поддршка за над 16.000 граѓани во текот на 2025 година, што го прави еден од клучните инструменти за поттикнување на вработеноста и економскиот развој во земјата.


