МЛАДИЌ, МОЈ ГЕНЕРАЛ, БИА И ЛЕПА БРЕНА Жестока политичка пресметка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ бара Мицкоски да се огради од ставовите на Стоилковиќ, а ВМРО-ДПМНЕ возвраќа со прашања за наводни врски со БИА, „српскиот свет“ и настапите на српски пејачи во општини раководени од СДСМ.

МЛАДИЌ, МОЈ ГЕНЕРАЛ, БИА И ЛЕПА БРЕНА Жестока политичка пресметка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ
Фото: Принтскрин

Дали премиерот Христијан Мицкоски се согласува со својот министер Иван Стоилковиќ, чија партија го велича Ратко Младиќ, правосилно осуден за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото? Дали „мој генерал“, како што е претставен Младиќ, е ставот на Стоилковиќ или, со молкот на премиерот, станува и став што го толерира Владата?

Стоилковиќ е дел од Владата на Мицкоски. Затоа неговите јавни ставови не можат едноставно да се претстават како приватна работа кога станува збор за величање на човек осуден за најтешки воени злосторства. Ако Мицкоски не се согласува со Стоилковиќ, тогаш нека го каже тоа јасно и недвосмислено. Ако ваквите ставови не се став на Владата, тогаш премиерот има обврска да се огради и да преземе одговорност.

Македонија не смее да се враќа кон политиките и вредностите на деведесеттите. Како земја што се декларира за европска иднина, демократски стандарди и почитување на човековите права, не може да испраќа пораки во кои осудени воени злосторници се претставуваат како херои. Затоа Мицкоски не треба да се крие зад молк. Треба јавно да одговори:

Дали Ратко Младиќ е и негов генерал?

Од друга страна во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека СДСМ очигледно нема крај во својата политичка хипокризија и лицемерие. Додека од СДСМ обвинуваат за наводно ширење на „српскиот свет“, странски влијанија и туѓи интереси, јавноста истовремено гледа случаи во кои луѓе блиски до највисоките структури на СДСМ се поврзуваат со српската безбедносно-разузнавачка служба БИА.

Таков е случајот со Виктор Петрушевски, поранешен советник на Зоран Заев и човек кој бил дел од највисоките партиски структури и тела на СДСМ, а кој во последната шпионска афера е посочен како соработник на српската служба. И тука се отвора сериозно политичко прашање: како е можно партија која постојано зборува за опасност од „српскиот свет“ да има луѓе од своите најтесни структури кои се доведуваат во врска со српските безбедносни служби?

Хипокризијата станува уште поголема кога ќе се погледне однесувањето на малкуте градоначалници на СДСМ. Додека партијата зборува дека српското влијание е опасност за државата, градоначалници на СДСМ во Крива Паланка и Македонска Каменица организираат концерти и масовни собири со српски естрадни ѕвезди, меѓу кои Лепа Брена и Ацо Пејовиќ.

Особено лицемерно е тоа што пратеникот на СДСМ и поранешен министер, вицепремиер за борба против корупцијата и генерален секретар на партијата, Љупчо Николовски – Путерот, заедно со градоначалникот на Крива Паланка, се појави во првите редови на градскиот плоштад на концертот на Лепа Брена. А токму Брена во минатото настапувала и пред припадници на војската на Ратко Младиќ. Затоа, прашањата се сосема логични и јавноста заслужува одговори.

Дали Венко Филипче е политичка инсталација на БИА, ако луѓе од неговото политичко опкружување и партиските структури се доведуваат во врска со српската служба?

Дали преку Филипче, СДСМ и нивните функционери во Македонија се отвора простор за продор на таканаречениот „српски свет“?

И конечно, како СДСМ може да зборува против српското влијание, а истовремено нивните градоначалници да организираат манифестации и концерти со српски пејачи и јавни личности?

Ова не се прашања на кои може да се одговори со партиски фрази и политичка конфузија.

Одговори треба да дадат СДСМ и Венко Филипче.

CATEGORIES
Share This