МИРЕН ПРОТЕСТ ВО СКОПЈЕ Поддршка за водачите на ОВК во Хаг
Илјадници присутни, блокиран сообраќај и засилено полициско присуство

Со многубројни албански знамиња, по некое косовско и иконографија карактеристична за ОВК, денешниот протест на плоштадот „Скендербег“ во Скопје помина мирно и без инциденти. Настанот беше израз на поддршка за основачите на Ослободителната војска на Косово, кои во моментов се судат во Судот во Хаг.
Неколку илјади учесници, главно од Скопје, но и организирано од други градови во Македонија, како и од Косово, уште од претпладнето го пополнија плоштадот. Поради тоа беше отежнат сообраќајот во централното подрачје, а улицата кон трговскиот центар Мавровка беше блокирана. Забележливо беше засилено полициско присуство, а албанскиот јавен сервис вршеше репортажен пренос од настанот.
Ова беше петтиот по ред митинг во серијата, по Хаг, Стразбур, Приштина и Тирана. Од Скопје се испрати порака за ослободување на Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Говорниците на митингот истакнаа дека обвинетите се неправедно затворени поради, како што рекоа, „фабрикувани докази од Белград и Москва“. Скандирањата и повиците за слобода на водачите на ОВК продолжија речиси цел час. Неколку лица облечени во униформи на некогашната ОВК предизвикаа посебно внимание на бината.
Иако протестот формално го организираше инцијативен одбор, беше јасно дека зад него стои опозициската ДУИ. Нејзиниот лидер Али Ахмети, кој беше последен говорник, го истакна својот настап без политички конфликти, и нагласи:
„Денешниот протест не е насочен против државата Македонија. Овие што се наоѓаат пред судот придонеле за стабилноста и мирот, за иднината на државата. Тие не се бореле против ниту еден народ, туку за слобода на својот народ. Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда, бидејќи сите обвинети се обвинети за дела што не ги сториле.“
Политичка поддршка на протестот дадоа и албанските партии во Македонија – двете крила на Алијансата на Албанците, како и владиниот коалициски партнер ВРЕДИ.
Судењето на Тачи, Весели, Красниќи и Селими почна во 2023 година и се очекува да заврши следната година. Сите тие ги негираат обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото, извршени пред и за време на косовската војна во 1998-1999 година.


