МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО – Извозот на мозоци бил строго регулиран
Случајот со извоз на биолошки материјал за научни цели ќе се проверува преку целосна анализа на документацијата

Министерството за здравство се огласи по објавите за наводен извоз на македонски мозоци во САД, посочувајќи дека нема директни надлежности во спроведувањето на научно-истражувачката дејност, но дека постои јасна и ригорозна законска регулатива.
Од Министерството велат дека транспортот на ткива се одвивал со информирана согласност од семејствата, одлука од Етичка комисија и дозвола за извоз од тогашното Биро за лекови, со прецизно наведена намена за научно-истражувачки цели. Законската обврска за чување на документацијата била 15 години, а од 2018 година 25 години.
Министерот за здравство Алиу информира дека е формирана работна група која ќе го испитува случајот, со цел да се утврди дали се почитувани правните и етичките стандарди. Очекува случајот да биде разјаснет во краток рок.
Американски извештаи покажуваат дека проектот започнал во 1996 година и опфатил соработка меѓу Универзитетот Колумбија и повеќе македонски институции, меѓу кои психијатриските болници во Бардовци, Демир Хисар и Негорци, Институтот за судска медицина и Медицинскиот факултет.
Истражувањата биле насочени кон невропатолошки корелации на деменција и шизофренија, а Македонија годишно испорачувала од 10 до 15 мозоци, најчесто од лица починати во случаи на самоубиства. Според учесниците, станувало збор за медицинско-научна соработка спроведена по меѓународни стандарди.

