МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА – ССМ на улица ја блокира Стопаснката комора

Трендафилов најавува масовни акции доколку работодавачите не се договорат со синдикатот.

МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА – ССМ на улица ја блокира Стопаснката комора
Фото: Национал

Претставниците на Сојузот на синдикати на Македонија денес ја блокираа улицата пред Стопанската комора во центарот на Скопје, во знак на револт поради неприфаќањето на нивните барања за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на другите плати за 6.000 денари.

Од пред седиштето на асоцијацијата на стопанствениците, синдикалците порачаа дека доколку не се исполнат нивните барања, по блокадата на Владата наредната недела, ќе организираат масовен работнички протест и генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор.

Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, ги обвини газдите дека се „слепи послушници на владата“, нагласувајќи дека Владата веќе постигнала договори со своите вработени и дека газдите остануваат одговорни за идниот штрајк.

„Газдите мора да сфатат дека имаат пријатели само во работниците, но можат да имаат и непријатели. Владата не им е пријател, затоа што ги казнува, ги даночи и прави контроли, додека ги остава сами да се договорат со своите вработени“, рече Трендафилов.

Тој додаде дека еден ден затворање на компаниите и институциите ќе ја чини државата повеќе од годишното зголемување на платите, и дека следниот пат нема да доаѓаат со понуда, туку со генерален штрајк.

Синдикатот уште еднаш потврди дека нивната понуда од минатата година, во која државата ќе покрие придонеси од зголемените плати, сè уште важи.

„Работодавачите ќе ги платат платите, но да се откажат од дел од профитот што го оствариле со трудот на работниците“, рече Трендафилов.

Тој исто така објасни зошто блокадите се организираат со по 21 лице:

„Толку сме затоа што не следат, затоа што им се закануваат да не дојдат на протестите. Во вторник, Владата ќе биде блокирана на две места по 21 човек“, алудирајќи на математичка формула и на вокабуларот на премиерот Христијан Мицкоски.

Трендафилов ги критикуваше газдите и за ограничувањата за синдикално организирање во приватниот сектор:

„Само еден на десет ваши колеги се бори за вашите плати. Ако повеќе работници се приклучеа, можеби немаше да треба да продолжуваме со блокади и протести.“

Потпретседателот на ССМ за приватниот сектор, Иван Пешевски, ги повика работодавачите да седнат на маса со синдикатот. Тој објасни дека барањето за минимална плата од 600 евра ќе биде пресметковна единица за коефициентите на сите вработени во јавниот сектор.

„Да заборавиме на плати од 400 и 500 евра, затоа што нема да имаме продуктивни или доволно работници. Ако газдите не се одважат и не дадат дел од профитот, секој ден ќе бидеме на улица со блокади и шатори“, рече Пешевски.

Тој додава дека условите и платите во приватниот сектор се мизерни и повеќе личат на социјална помош отколку на плата за достоинствен живот.

CATEGORIES
Share This