МИНИМАЛНА КОШНИЦА ЗА ДЕКЕМВРИ 65.492 ДЕНАРИ – Со изнајмен стан се искачува на 80.867 денари
Податоците ќе се земаат од најголемите маркети и различни региони, според сезоната

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) пресмета дека вредноста на синдикалната минимална кошница за декември годинава изнесува 65.492 денари, што е за 319 денари повеќе во споредба со ноемвриската кошница, која изнесуваше 65.173 денари.
Ако семејството користи изнајмен стан од 60 метри квадратни, синдикалната минимална кошница за декември изнесува 80.867 денари.
Според пресметките на ССМ, потребните средства по категории се: Храна и пијалаци: 23.640 денари, образование: 7.159 денари, станарина, вода, електрична енергија и греење: 6.130 денари, облека и обувки: 5.875 денари, транспорт: 4.636 денари, ресторани и хотели: 4.131 денар, комуникации: 3.417 денари и лична хигиена и оддржување на хигиена во домот: 2.620 денари
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, на 17 декември најави дека од 1 јануари Влада, покрај синдикатите, ќе ја пресметува и просечната потрошувачка кошничка, која ќе важи за најмалку четиричлено семејство. Оваа тема ќе се разгледува на Економско-социјалниот совет, закажан за 22 декември.
„Ќе се користат податоци од најголемите маркети во Македонија и од основните прехранбени производи за се што е потребно за просечен живот на едно македонско семејство. Исто така, ќе се земат параметри од различни региони, а овошјето и зеленчукот ќе бидат според сезоната во која се пресметува кошничката“, изјави Ристески.


