МИЛАНОВИЌ НА ЛИНИЈАТА НА ДОДИК Дијалог без странци меѓу трите народи – Хрвати, Срби и Бошњаци е клучот за иднината на БиХ
Според него, ниту една надворешна сила не може подобро да ги разбере проблемите на БиХ од нејзините сопствени жители.

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, денеска престојуваше во Ливно, каде порача дека иднината на Босна и Херцеговина зависи од искрен дијалог и договор меѓу нејзините народи – Хрвати, Срби и Бошњаци – без мешање од страна.
„Во БиХ нема да има договор без нас. Сè друго, како што одминува времето, станува бесмислено“, изјави Милановиќ, нагласувајќи дека стабилноста и напредокот можат да се постигнат само преку взаемно разбирање и договор меѓу народите, без странско туторство.
Според него, ниту една надворешна сила не може подобро да ги разбере проблемите на БиХ од нејзините сопствени жители.
„Тој договор треба да се постигне меѓу вас, бидејќи никој нема да ве разбере подобро отколку што можете да се разберете меѓусебе“, истакна хрватскиот претседател.
Милановиќ исто така демантираше какви било обвинувања за наводни скриени амбиции на Хрватска кон БиХ, оценувајќи ги како „лажни и злонамерни“. Тој додаде дека Загреб нема скриени агенди и останува посветен на добрососедските односи и стабилноста на регионот.


