МИЦКОСКИ ЖЕСТОКО УДРИ Се радуваат на секоја лоша работа, но им се гледа крајот
Од Куманово, премиерот порача дека Македонија мора да се ослободи од поделбите, личните интереси и децениската просечност и да се врати во рацете на народот.

Македонскиот народ низ вековите поминал низ бројни искушенија и неправди, но никогаш не се откажал од правото да биде слободен, да има сопствен дом и сопствена држава. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод Денот на народното востание 11 Октомври, што се одржа на Спомен-костурницата во Куманово под слоганот „Идеали што градат иднина“.
Мицкоски нагласи дека македонската државност не е случајност, ниту резултат на туѓа милост, туку плод на борбата и жртвата на генерации кои имале храброст да се спротивстават на неправдата и да го победат стравот.
„Пред точно 85 години, во темнината на една октомвриска ноќ, се случи нешто што засекогаш го промени текот на македонската историја. Во Прилеп и Куманово започна организираното востание против фашистичкиот окупатор“, рече премиерот, потсетувајќи на илјадниците борци кои ги положиле своите животи за слободата што денес ја живееме.
Тој посочи дека борците немале гаранција за победа, ниту сигурност дека ќе го дочекаат утрешниот ден, но имале вера, идеал и љубов кон татковината.
Осврнувајќи се на одговорноста на денешните генерации, Мицкоски праша дали сме подготвени да ги надминеме поделбите, да се соочиме со слабостите и да изградиме татковина посилна од онаа што сме ја наследиле.
„Мојот одговор е јасен и недвосмислен – Да! Да! Подготвени сме. И само што сме подготвени. Ние го немаме правото да не успееме. Затоа што нашата татковина е поголема од секоја политичка генерација“, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека државата е поголема од личните и кусогледните интереси и дека Македонија се брани со принципи, верба и резултати, а не со навреди, договори зад затворени врати и коруптивни практики.
Според премиерот, државата не е само знаме, химна и граници, туку систем и доверба, во кој иднината на граѓаните треба да зависи од нивната работа, знаење и способности, а не од нечии лични интереси.
Како главни цели, тој ги посочи економскиот успех, институционалната правда, националното достоинство, развојот и напредокот.
Во продолжението на говорот, премиерот порача дека е време Македонија да постави големи национални цели, да носи храбри одлуки и да престане да се задоволува со просечност.
„Време е да поставиме големи национални цели, да носиме храбри одлуки и да создадеме држава која нема да преживува, туку ќе напредува“, истакна Мицкоски.
Тој упати критики кон, како што ги нарече, политичките сили и интереси што внесуваат сомнежи, подметнувања и работат против успехот на државата, оценувајќи дека нивното влијание постепено слабее.
„Народот победува. А татковината не само што не паѓа на колена, туку се враќа на народот“, порача премиерот.
Мицкоски посебно ја истакна потребата од создавање услови младите да остануваат во Македонија, да основаат семејства, да работат и да ги остваруваат своите соништа во сопствената држава.
Тој оцени дека Македонија предолго живеела со ниски очекувања и дека една од најважните задачи е да се изгради држава во која младите нема да мора да избираат меѓу татковината и сопствената иднина.
„Најголемата национална битка е битката за младите. Мора да изградиме татковина во која младите нема да избираат меѓу татковината и сопствената иднина“, истакна Мицкоски.
Свечената академија во Куманово се одржа во чест на 85-годишнината од почетокот на Народното востание. Пред обраќањето беа положени цвеќиња пред Спомен-костурницата, а настапи и Воениот оркестар со композиции посветени на македонската борба за слобода.

