МИЦКОСКИ ЗА ПОЖАРОТ ВО ТРУБАРЕВО – Вакви диверзии ќе има, но Владата ќе победи
Тој информира дека од вчера се дадени препораки за евакуација на жителите кои се наоѓаат во непосредна близина на пожарот.

Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го пожарот во Трубарево, изјави дека вакви случувања нема да запрат, бидејќи, како што нагласи, „некој има интерес“ тие да се случуваат.
„Ова се намерно подметнати пожари, диверзии. Такви сценарија се правеле и ќе продолжат да се прават. Зад тоа стојат центри на моќ кои не сакаат Владата да успее. Ќе продолжат да подметнуваат, да лешинарат, но ние ќе продолжиме да се бориме и на крај – ќе победиме,“ рече Мицкоски.
Тој информира дека од вчера се дадени препораки за евакуација на жителите кои се наоѓаат во непосредна близина на пожарот.
„Сите кои живеат во периметарот околу жариштето ќе бидат евакуирани во овие денови. Последните мерења покажуваат дека нема енормно загадување, но опасноста постои,“ додаде премиерот.
Мицкоски нагласи дека иако загадувањето било високо во првите часови (меѓу 8 и 9), сега е намалено на ниво од 5 до 6.
„Сакам да им порачам на граѓаните – ова што го гледаме сега и тоа што го гледавме летово, ќе продолжи, бидејќи некој има интерес. Но тие луѓе ќе бидат поразени,“ заклучи премиерот.


