МИЦКОСКИ СО ПОКАНА ДО ТРАМП Ќе го угостам на највисоко ниво, ќе ја има поддршката од македонските граѓани
Премиерот за „Брајтбарт њуз“ откри дека Македонија воспоставила контакти со луѓето на Трамп уште пред неговата победа на претседателските избори во САД.

Македонија силно го поддржува американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација и очекува стратешкиот дијалог со Вашингтон да донесе конкретни резултати во безбедноста, енергетиката, инфраструктурата, трговијата и инвестициите, изјави премиерот Христијан Мицкоски во ексклузивно интервју за „Брајтбарт њуз“ (Breitbart News).
Мицкоски истакна дека поддршката на македонската Влада за Трамп започнала уште пред неговиот повторен избор за претседател на САД. Според него, Македонија била меѓу првите европски земји кои воспоставиле контакти со луѓе од тимот на Трамп уште за време на претседателската кампања во 2024 година.
Тој потсети дека веднаш по самитот на НАТО во Вашингтон, во јули 2024 година, во Македонија пристигнал тим соработници на Трамп, со кои македонската Влада разговарала за продлабочување на соработката со САД.
„Дури и пред да стане претседател на Соединетите Американски Држави, некои од луѓето од неговиот најблизок круг нè посетија и за време на кампањата, кога немаше премногу европски земји кои веруваа дека Трамп ќе стане претседател. Бевме избрани како Влада во јуни 2024 година и веднаш по самитот на НАТО во Вашингтон, во јули истата година, тим од негови соработници нè посети во Владата“, изјави Мицкоски.
Како што посочи, меѓу гостите биле сегашниот американски секретар за трговија Хауард Лутник, поранешниот конгресмен Девин Нунес и Крис Павловски, сопственик на „Рамбл“, кој има македонско потекло.
„Тие нè посетија во Владата, а ние уште тогаш испративме силна порака за поддршка на Трамп, пред тој да стане претседател. Потоа, кога беше избран, бев поканет на церемонијата на инаугурацијата, а владина делегација беше во Вашингтон, каде повторно ја пренесовме нашата порака за поддршка и подготвеност за зголемување на идната соработка“, рече премиерот.
Мицкоски во интервјуто нагласи дека, според него, поддршката за Трамп во Македонија е меѓу највисоките во Европа. Додаде дека со задоволство би го пречекал американскиот претседател во земјава доколку неговиот распоред дозволи посета на регионот.
„Со задоволство ќе го угостам на највисоко ниво. Верувам дека ќе ја ужива поддршката од македонските граѓани. Кога ќе има слободен термин во својот распоред, ќе бидеме многу задоволни да го пречекаме доколку одлучи да го посети регионот, бидејќи Македонија е земја која без сомнение дава силна поддршка на администрацијата на претседателот Трамп“, истакна Мицкоски.
Тој посочи и дека Македонија во повеќе наврати ги поддржувала позициите на Соединетите Американски Држави во Обединетите нации, вклучително и по прашања поврзани со Иран, Венецуела и Куба.
Според Мицкоски, следниот чекор треба да биде политичката поддршка и стратешкото партнерство меѓу Скопје и Вашингтон да се преточат во конкретни проекти и резултати, особено во областите на безбедноста, енергетиката, инфраструктурата, трговијата и новите инвестиции.

