МИЦКОСКИ СО ЈАСНА ПОРАКА Нема да има данок за неженети и немажени, идејата беше за поттикнување дебата
Тој додаде дека е свесен оти некои граѓани можеби ја протолкувале погрешно неговата изјава, но подвлече дека како премиер чувствува одговорност да се грижи за иднината на државата и народот.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да се воведе данок за неженети и немажени лица, појаснувајќи дека идејата што ја спомена имала за цел да поттикне јавна дебата за демографската криза во земјата.
„Секако дека нема да има таков данок. Целта беше да се подигне свеста и да се отвори разговор за сериозниот демографски проблем. Македонија се соочува со тивко, но забрзано исчезнување, а ние како да сме се помириле со тоа. Се извинувам ако некој погрешно ме сфатил, нема никакви даноци“,“ рече Мицкоски на прес-конференција пред седиштето на партијата.
Тој додаде дека е свесен оти некои граѓани можеби ја протолкувале погрешно неговата изјава, но подвлече дека како премиер чувствува одговорност да се грижи за иднината на државата и народот.
„Ајде заедно да се бориме за повеќе новородени, полни училишта, посилна економија, поуспешни спортисти. Тоа е природно. Тоа е иднината,“ рече тој.
Мицкоски наведе и конкретни податоци за демографската состојба:
-Бројот на новороденчиња опаднал од 23.000 во 2016 година на 16.000 во 2024 година – пад од 30%.
-Бројот на склучени бракови е намален за 17% во последните три години – од 13.300 во 2021 на 11.100 во 2024 година.
„Не можам да молчам за ваква ситуација. Многумина ми пишуваат дека Владата треба да обезбеди финансиска поддршка, но тоа не е решението. Не е само до парите. До срцето и умот е. До желбата,“ додаде премиерот.
Како пример ја посочи Јужна Кореја – земја со најниска стапка на наталитет и покрај тоа што потрошила 270 милијарди долари во обид да ја зголеми.
„Затоа велам – треба уште од најмали да ги учиме децата за семејните вредности. Во читанките да стои: јас, мама, тато, бато и дада. Ако сакаме да опстанеме како народ, нација и држава, мора да се бориме,“ порача Мицкоски.
Тој додаде дека слична демографска ситуација има и во други земји како Грција, Германија и Полска, и ги повика сите политички и општествени чинители да работат заедно на ова прашање.
Мицкоски потсети дека во неговата изборна програма семејството било во центарот на вниманието:
„Во мојата програма нема родител 1 и родител 2, туку татко и мајка. Семејната парада е мојата гордост. Можеби некој ќе ми замери, но тоа е политиката што ќе ја водам додека сум на оваа позиција,“ изјави премиерот.


