НАТО САМИТ ВО ХАГ Мицкоски прифаќа билатерална средба со Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека прифатил одржување билатерална средба со Бугарија на маргините на НАТО самитот во Хаг, закажан за 24 и 25 јуни. Средбата би се одржала во присуство на највисоките претставници на ЕУ, НАТО и САД.
„Добро е да има таква средба на која ќе можат да се слушнат аргументите од двете страни“, изјави Мицкоски, потенцирајќи дека договорот за средбата е постигнат по разговорите со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, за време на нејзината посета на Скопје.
На состанокот, според најавите, ќе присуствуваат македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, бугарскиот претседател Румен Радев, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претставник на САД.
Мицкоски дополни дека сè уште не е потврдено дали Бугарија ја прифаќа поканата за средбата.


