МИЦКОСКИ ПОПУШТА Ако не може електронски, дијаспората ќе гласа и по пошта

Премиерот порача дека Владата ќе прифати кој било модел на гласање, но истакна дека правото на дијаспората да учествува на изборите останува црвена линија.

МИЦКОСКИ ПОПУШТА Ако не може електронски, дијаспората ќе гласа и по пошта
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата останува посветена на организирање кредибилни избори, но истовремено инсистира и на овозможување на пошироко учество на македонската дијаспора во изборниот процес. Мицкоски изјави дека, покрај електронското гласање, Владата е подготвена да прифати и гласање по пошта доколку тоа биде прифатливо решение за политичките партии.

„Ако не е прифатливо електронското гласање, подготвени сме да прифатиме и гласање по пошта. Такви примери има во многу европски држави и во светот. За нас најважно е дијаспората да може да гласа во поголем број“, истакна премиерот.

Тој потсети дека денеска во 14 часот е закажана нова средба во Собранието, на која треба да се бара компромисно решение за начинот на гласање на иселениците.

Според Мицкоски, Владата е подготвена да направи отстапки и за другите изборни прашања,  финансирањето на кампањите, изборните жалби и останатите процедури, но гласањето на дијаспората, како што рече, останува нивен непроменлив став.

„Како ќе се договорат, така ќе прифатиме. Но, гласањето на дијаспората е наша константа. Таа има силна врска со татковината и сакаме таа врска дополнително да ја зајакнеме“, рече Мицкоски.

Премиерот повторно ги обвини СДСМ и Левица дека не сакаат да овозможат пошироко учество на дијаспората на изборите, оценувајќи дека тоа може да се примени најдоцна до претседателските избори во 2029 година.

Во однос на изборниот процес, Мицкоски нагласи дека целта на Владата е изборите да бидат организирани според највисоки демократски стандарди.

„Нашата обврска е да организираме кредибилни избори, какви што беа и локалните избори по скандинавски модел. Додека сме Влада, тоа ќе остане наш приоритет“, истакна тој.

CATEGORIES
Share This