МИЦКОСКИ ПЛАНИРА ДА СЕ СРЕТНЕ СО РОДИТЕЛИТЕ ОД КОЧАНИ Разговарал и со Ердоган за помош на пациентите од Кочани кои имале непријатности на аеродромот во Истанбул
Тој информираше дека членови на неговиот Кабинет редовно се состануваат со родителите на неделна основа, а дека лично ќе се сретне со нив во блиска иднина.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи со помошта за семејствата на загинатите и повредените во трагедијата која се случи во Кочани. Тој информираше дека членови на неговиот Кабинет редовно се состануваат со родителите на неделна основа, а дека лично ќе се сретне со нив во блиска иднина.
„Ние на дневна основа се соочуваме и решаваме проблеми поврзани со случувањата во Кочани. Пред два-три дена, дечиња кои беа на лекување во Анкара, се вратија, но имале непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул. Лично разговарав со еден од родителите и со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, по што беше средена ситуацијата. Дечињата се вратија во Македонија и организиравме транспорт од аеродромот до болницата „8 Септември“. Се што можам, ќе сториме. Ќе продолжиме да разговараме со семејствата. Цела Македонија болува и ова ќе трае со години“, изјави премиерот Мицкоски од општина Штип.
Во врска со обвиненијата од опозицијата за селективна истрага, Мицкоски истакна дека истрагата ја води Обвинителството и дека не се вмешувал во процесот.
„Јас не сум се јавувал ниту комуницирал со никој од обвинителите“, додаде премиерот.
Во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, кој се случи во Кочани, загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. Поголемиот дел од повредените со изгореници и со вдишан чад беа лекувани во странство, а секојдневно се враќаат пациенти кои продолжуваат со лекување во македонските болници.


