МИЦКОСКИ: ПИСМЕНИОТ ПРАВОСУДЕН ИСПИТ НА ЈАЗИКОТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО Усниот на македонски

Премиерот смета дека усниот дел од испитот, кој опфаќа симулација на граѓански и кривичен спор, треба да се одвива на македонски јазик како заеднички јазик во правосудниот систем.

МИЦКОСКИ: ПИСМЕНИОТ ПРАВОСУДЕН ИСПИТ НА ЈАЗИКОТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО Усниот на македонски
Фото: Национал

Писмениот дел од правосудниот испит треба да се полага на јазикот на кој кандидатот го завршил високото образование, додека усниот дел треба да се одвива на македонски јазик, како официјален јазик во правосудниот систем. Ова е ставот на Владата што го повтори премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за барањата на студентите за полагање на правосудниот испит на албански јазик.

Мицкоски рече дека не е спорно правото на студентите да го завршат високото образование на мајчин јазик, но нагласи дека треба да се прави разлика меѓу образовниот процес и функционирањето на правосудниот систем.

„Не знам јас процентите кои се и како ги пресметуваат таму. Ставот на Владата е јасен. Правосудниот систем во Македонија е едно, а правото да се завршува високото образование на мајчин јазик е друго. Никој не го спори правото да се заврши високо образование на јазик на којшто државата го овозможила“, изјави премиерот на промоцијата на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила.

Тој посочи дека наставата на правните факултети во земјава се одвива и на јазици различни од македонскиот, поради што смета дека писмениот дел од правосудниот испит треба да се полага на јазикот на кој е стекнато високото образование.

„За нас како Влада е логично писмениот дел да се полага на тој јазик на којшто е формирано високото образование, додека усниот дел, каде што се симулираат еден граѓански и еден кривичен спор, бидејќи тоа претставува симулација пред правосудниот систем“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека во правосудството треба да се почитува принципот франка лингва, односно употребата на заеднички јазик, за кој смета дека во Македонија треба да биде македонскиот.

Во прилог на ставот на Владата, Мицкоски се повика и на препораката на Венециската комисија во врска со Законот за употреба на јазиците, посочувајќи дека мислењата на меѓународните институции треба да се почитуваат.

„Правосудниот систем во Македонија останува франка лингва, односно македонскиот јазик е официјалниот“, изјави премиерот.

Осврнувајќи се на обвинувањата на опозицијата дека законското решение за административните службеници ќе се користи за политички реваншизам, Мицкоски рече дека станува збор за закон што е дел од реформската агенда и е подготвуван во соработка со експерти од Европската Унија.

Тој нагласи дека решението е прифатено од Унијата и дека не гледа основа за критиките на опозицијата. Притоа, посочи дека реформската агенда била креирана токму во периодот кога сегашната опозиција била на власт.

„Опозицијата кажувала многу работи, во принцип кажувала сè што не е вистина. Така што и на ова што го кажува опозицијата, гледајте дека зборува невистини. Тој закон е дел од реформската агенда, работен е со експерти од Европската Унија, прифатен е од страна на Европската Унија и не гледам тука апсолутно ништо страшно“, рече Мицкоски.

Премиерот потврди и дека се планираат реформи во безбедносните служби, во контекст на најавите за укинување на координацијата меѓу нив и можноста за нивно спојување.

Според Мицкоски, процесот се одвива согласно законските процедури, а пред почетокот на спроведувањето на реформите ќе биде организирана јавна дебата.

„Сè уште се работи процесот. Кога ќе отпочне, ќе има јавна дебата. Тој процес ќе трае со месеци, нема ништо да биде скриено од јавноста“, изјави премиерот.

CATEGORIES
Share This