МИЦКОСКИ ДО СОФИЈА Повлечете ги амандманите ако сте искрени

Тој порача дека зборовите треба да се потврдат со дела, особено на 24 јуни, кога на дневен ред на Комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент (АФЕТ) ќе биде извештајот поврзан со Северна Македонија.

МИЦКОСКИ ДО СОФИЈА Повлечете ги амандманите ако сте искрени
Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не се потпира само на зборовите на бугарскиот претседател Румен Радев, туку очекува конкретни чекори од Бугарија.

Тој порача дека зборовите треба да се потврдат со дела, особено на 24 јуни, кога на дневен ред на Комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент (АФЕТ) ќе биде извештајот поврзан со Северна Македонија.

„Постојано доаѓаат различни пораки од официјална Софија. Ако навистина стојат зад тоа што го говорат, тогаш на 24 јуни нека ги повлечат амандманите во ЕП со кои се негира македонскиот идентитет и јазик. Очекувам извештајот да биде усвоен во тој дух, а потоа и патоказот за малцинските права кој наскоро ќе биде на дневен ред“, изјави Мицкоски денеска од Битола.

Тој додаде дека очекува и прифаќање на иницијативата за средба со бугарската страна во рамки на НАТО самитот што ќе се одржи во Хаг кон крајот на месецот.

„Меѓу другото, сакаме да разговараме и за реализација на Коридорот 8, кој треба да стане приоритет и за нашиот источен сосед. Само како добри соседи можеме да ги унапредуваме односите“, рече Мицкоски.

Од своја страна, бугарскиот претседател Румен Радев синоќа во Тирана изјави дека нема збор за вето или билатерални условувања, туку за внатрешни прашања поврзани со човековите права во Северна Македонија. Според него, сè се одвива во рамките на Договорот за добрососедство од 2017 година, двата протокола, и преговарачката рамка од 2022 година.

„Бугарија никогаш не поставила, ниту ќе постави барања надвор од договореното“, истакна Радев.

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, вчера изјави дека постои заложба за зголемување на дипломатските контакти со Софија, со цел да се најдат рационални решенија во духот на европските вредности, но и дека Северна Македонија ќе биде цврста кога станува збор за идентитетските прашања.

CATEGORIES
TAGS
Share This