МЕРЦ ОД ШТУТГРАД Нема коалиции со крајната десница AfD
AfD ваквиот однос го оценува како недемократски, но Мерц порачува дека демократијата мора да се брани од екстремизам.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска вети дека ќе го почитува неформалниот договор во рамките на германскиот политички мејнстрим, според кој нема соработка со крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD).
На националната партиска конференција на Христијанско-демократска унија (CDU) во Штутгарт, Мерц остро порача дека AfD не може и нема да биде партнер на неговата партија.
„Нема да дозволиме луѓето од таканаречената Алтернатива за Германија да ја уништат нашата земја“, изјави Мерц пред делегатите.
Тој додава дека конзервативците ќе водат жестока политичка борба против оваа партија, пренесува Ројтерс.
Според проценките, голем дел од германската јавност е вознемирен од подемот на AfD, кој за многумина потсетува на растот на нацистичката партија во 1930-тите години, период кога авторитарното владеење било воспоставено по легален пат.
Партиите од германскиот политички мејнстрим доследно одбиваат соработка со пратениците на AfD, не им доделуваат влијателни позиции во парламентот и не влегуваат во коалиции со нив. Од AfD, пак, ваквиот однос го оценуваат како недемократски.


