МЕЏИТИ ЗА ВОЕНАТА 2001 – Војната на УЧК во Македонија беше праведна, разумна и чиста
За сегашното косовско раководство, Меџити рече дека „не се пазари со државните и националните интереси“.

Вицепремиерот и кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, јавно ја поддржа вчерашната акција „Правда за ослободителите“ во Приштина, организирана од Здружението на воени ветерани на УЧК и ОВК.
Во објава на социјалните мрежи, Меџити истакна дека оваа кауза е надвор од какви било изборни калкулации, бидејќи борбата за слобода и правда е „поважна од секое политичко натпреварување“.
„Мојот став останува непоколеблив – војната на УЧК во Косово, Прешево и Македонија беше праведна, разумна и чиста“, нагласи тој.
Меџити оцени дека денешно Косово е суверена и функционална држава, со елиминирани паралелни структури на северот и консолидирани институции.
Тој упати и критика кон иницијативата „Отворен Балкан“ и кон политичките елити кои, според него, направиле компромиси со територијата, ресурсите и правдата. За сегашното косовско раководство, Меџити рече дека „не се пазари со државните и националните интереси“.


