МБАПЕ ПРИЗНА – Сакав да ја напуштам Франција по ова страшно искуство
Промашениот пенал што го разочара Мбапе и ја разбуди расистичката омраза.

Килијан Мбапе (27), капитен на француската репрезентација, му недостига само еден гол за да го стигне Оливие Жиру, кој со 57 погодоци е најдобар стрелец во историјата на националниот тим. Мбапе, пред осум години, како тинејџер ја предводеше Франција до светската титула, а со голот против Хрватска стана најмладиот стрелец во финалињата на Светските првенства по Пеле.
На следното Светско првенство, во 2022 година, повторно блескаше и ја однесе Франција до финалето, каде подобра беше Аргентина. Мбапе стана само втор фудбалер кој постигнал три гола во финале на Светско првенство.
Сепак, Европското првенство една година претходно му донесе големо разочарување и го натера да размислува за повлекување од репрезентацијата. Во ток-шоуто „Bridge“, заедно со Аурелиен Чуамени, Ашраф Хакими и комичарот Малик Бенталја, Мбапе откри што доживеал по промашениот одлучувачки пенал против Швајцарија на ЕП 2021. За разлика од Светските првенства, на тој турнир Мбапе не постигна ниту еден гол во четири натпревари, а Франција разочарувачки беше елиминирана.
„Сакав да ја напуштам француската репрезентација. Сфатив дека Франција ја ставив многу, многу високо во моите приоритети, но штом промашив, многу луѓе почнаа да ме нарекуваат мајмун и да ме навредуваат. Се запрашав: ‘Дали се тоа луѓето за кои се борам на теренот? Не можам да играм за оние што ми велат дека сум мајмун.’“
Тој додава:
„Тие денови бев како жив мртовец. Паднав од голема височина, бидејќи мојот прв турнир со Франција беше Светското првенство 2018 и го освоив. Бев национален херој и многу млад. А на следниот голем турнир ми се случи вакво нешто. Тешко е да се издржи тоа.“
Мбапе откри и што следувало:
„Отидов кај Ноел Ле Грает, претседателот на Француската фудбалска федерација, и без двоумење му кажав дека повеќе не сакам да играм за Франција. Тој ми одговори: ‘Навистина ли мислиш дека ќе те пуштам да излезеш од оваа канцеларија?’ Тоа ме шокираше и ме натера повторно да ја преиспитам одлуката.“
Родителите на Мбапе се од Камерун и Алжир, но тој секогаш ја избрал Франција, земјата во која е роден, како свој национален тим.
„Роден сум во Франција, Французин сум, иако моето потекло е од Камерун и Алжир. Пораснав со француската култура, тоа ми доаѓа од срцето. Ако бирам меѓу играње за земјата на татко ми, Камерун, или на мајка ми, Алжир? Пораснав повеќе со камерунската култура и бев поблизок со семејството таму, но подоцна се зближив и со алжирската страна. Би сакал да одам таму, никогаш порано не сум бил. Брат ми Итан би можел да игра за Алжир, а јас за Камерун.“
