МАСКИ И ВЕСЕЛБИ НИЗ УЛИЦИТЕ НА ВЕВЧАНИ – Карневалот 2026 започна

Ларс Алгел, претседател на Федерацијата на европски карневалски градови, ја истакнува вековната традиција на Вевчанскиот карневал

МАСКИ И ВЕСЕЛБИ НИЗ УЛИЦИТЕ НА ВЕВЧАНИ – Карневалот 2026 започна
Фото: Национал

Групни и индивидуални маски почнаа да се движат низ улиците на Вевчани, собирајќи се кон традиционалното место од каде секоја година започнува дефилето на карневалот.

Ларс Алгел, претседател на Федерацијата на европски карневалски градови, втора година ја посетува манифестацијата и ја оценува како уникатна со вековна традиција.

„Вевчанскиот карневал е нешто посебно. Традицијата е многу стара, и мислам дека е најстар карневал во Европа. Бев овде и минатата година и сеќавањата ми се прекрасни. Најдобро е да се има уникатен карневал со ваква традиција“, изјави Алгел.

Градоначалникот Спасе Кочовски очекува уште едно успешно издание.

„Се надевам дека ќе поминеме уште еден од нашите убави денови. Денес и утре ќе биде забавно, а новата година ќе ја започнеме со нова енергија“, рече тој.

За содржината на маските, Кочовски вели дека не знае што ќе има, но ако препознае нешто, тоа ќе го прифати нормално.

„Ќерка ми се маскира, но не знам во што. Маските се довршуваат со шминка во различни куќи“, додаде тој.

И покрај тоа што имал состанок со двете василичарски групи – Горна и Долна маала, градоначалникот не дава насоки за маските.

„Вевчанскиот карневал е празник на отворено и не треба да предизвикува лутење. Целта не е да се навреди никој“, нагласува Кочовски.

Според туризмологот Александра Велкоска, бројот на учесници расте, бидејќи сè повеќе помали деца учествуваат. Годинава најмалиот василичар е три месечно девојче.

„Никогаш не знаеме колку ќе бидат маскирани или какви ќе бидат маските. Тоа е убавината на карневалот и неговата спонтаност и таинственост“, вели Велкоска.

Дефилето почнува по 14 часот, кога двете василичарски друштва ќе тргнат од влезот на селото, традиционално предводени со зурли и тапани, зетот, невестата, двата ѓаволи и Глупавите Августи. По нив следуваат останатите маски, инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања.

Секоја година за Вевчанците карневалот е вистинско доживување. Инспирација за маските црпат од настаните во изминатата година, но до самиот дефиле никој не открива во што ќе се маскира.

Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на селото на 14 јануари.

CATEGORIES
Share This