МАНУ ВО ОТВОРЕН РАЗДОР – Коцарев нападна, Претседателството возврати
Претседателството со индигнација ги отфрла наводите на поранешниот претседател и дава целосна поддршка на акад. Живко Попов

Раководството на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) остро ги отфрли обвинувањата што ги изнесе поранешниот претседател на Академијата, Љупчо Коцарев, против актуелниот претседател Живко Попов, оценувајќи дека тие се неосновани и ѝ нанесуваат сериозна штета на институцијата и на нејзиниот углед.
Коцарев јавно побара оставка од Попов, обвинувајќи го дека бил директно вклучен во, како што наведува, „разнебитувањето“ на МАНУ во текот на 2025 година. Во авторски текст објавен во весникот „Нова Македонија“, Коцарев користи библиска алузија за „лажни претседатели што доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи“, порачувајќи му на Попов да се повлече „за доброто на МАНУ“. Според него, состојбата во Академијата во 2025 година била обележана со „анархија, самоволие и безизлез“, за што, како што тврди, исклучива одговорност носел претседателот. Тој дополнително наведува дека биле потпишани голем број нелегални дејства.
Претседателството на МАНУ реагираше со соопштение во кое ваквиот јавен настап го оцени како непримерен и невообичаен, особено имајќи предвид дека доаѓа од поранешен претседател и актуелен член на Претседателството, што, како што наведуваат, не се случило во 58-годишната историја на Академијата.
„Претседателството со индигнација во целост ги отфрла наводите изнесени во написот како неаргументирани и невистинити и дава целосна поддршка на работата на претседателот на МАНУ, акад. Живко Попов“, се наведува во соопштението. Оттаму оценуваат дека академик Коцарев не ги почитува одлуките донесени со мнозинство и, откако не успева да ги наметне своите ставови во рамките на институцијата, ги изнесува во јавноста без логична и оправдана основа“.
Во соопштението се посочува и дека Коцарев, како член на Претседателството, секогаш имал можност своите ставови да ги изнесува во рамките на телата на МАНУ, согласно статутарните процедури, и да ги брани преку аргументиран дијалог и расправа, какви што ѝ прилегаат на највисоката научна и уметничка институција во државата.

