МАНЧЕСТЕР СИТИ ПРЕД ФУДБАЛСКА КАТАСТРОФА Му се заканува исфрлање во Чемпионшип, клубот тргнува во контранапад
нглискиот фудбалски гигант Манчестер Сити се соочува со можни драконски санкции поради наводни прекршувања на финансиските правила на Премиер лигата.

Манчестер Сити не се откажува од правната битка со Премиер лигата и останува убеден дека ќе успее со жалбата против одлуката на Независната комисија, според која клубот е прогласен за виновен по 114 точки од обвинението за прекршување на финансиските правила.
Според информациите што ги пренесуваат британските медиуми, англискиот шампион подготвува нова правна офанзива, тврдејќи дека при донесувањето на одлуката биле занемарени важни документи поврзани со Владата на Абу Даби.
Станува збор за банкарски извештаи, финансиски евиденции и сметки за кои клубот смета дека биле неоправдано исклучени од доказната постапка.
Од Манчестер Сити тврдат дека овие документи го потврдуваат потеклото на средствата добиени преку спонзорските договори и дека претставуваат важен доказ во корист на клубот.
Дополнително, „граѓаните“ наводно располагаат со нови документи од Владата на Абу Даби, кои, според нив, ја потврдуваат автентичноста и точноста на претходно доставените финансиски податоци.
Токму овие докази се очекува да бидат во центарот на жалбената постапка пред новата Независна комисија.
Од клубот остро ја оспоруваат првичната одлука, оценувајќи дека таа содржи сериозни правни и фактички пропусти.
„Мислењето на комисијата содржи неколку јасни и фундаментални грешки во правото, принципите и фактите и е неодржливо“, соопштија од Манчестер Сити.
Клубот категорично ги отфрла обвинувањата на Премиер лигата, нагласувајќи дека располага со обемна документација која, според неговите тврдења, ја потврдува исправноста на финансиското работење.
„Клубот не е виновен за обвинувањата изнесени од Премиер лигата, а постои обемна збирка неоспорни докази што ги поддржуваат сите ставови на клубот во врска со овој случај“, се наведува во соопштението.
Во меѓувреме, неизвесноста околу конечниот исход продолжува. Засега не е познато кога жалбената постапка би можела да заврши, иако дел од клубовите во Премиер лигата очекуваат евентуалните санкции да бидат изречени уште во текот на оваа сезона.
Британските медиуми во понеделникот објавија дека Манчестер Сити би можел да се соочи со драстично одземање бодови, што потенцијално би го довело клубот во ситуација да испадне од елитното англиско натпреварување.
Според истите информации, не е исклучена ниту можноста за дополнителни бодовни казни и висока парична санкција што би се одразила и врз следната сезона.
Доколку се остварат ваквите најави, тоа би претставувало еден од најголемите дисциплински потреси во историјата на англискиот фудбал.
Сепак, конечната одлука останува неизвесна, а Манчестер Сити продолжува да инсистира дека ќе ја докаже својата невиност.

