МАНАСКОВ ПРИВЕДЕН ПА ПУШТЕН – Нападнал помошник-тренер по натпревар во Охрид

Инцидентот се случи по завршувањето на мечот помеѓу ГРК Охрид и Еурофарм Пелистер

МАНАСКОВ ПРИВЕДЕН ПА ПУШТЕН – Нападнал помошник-тренер по натпревар во Охрид
Фото: Принтскрин

На 14 декември 2025 година, во 20:20 часот, во СВР Охрид бил повикан Д.М. (33), ракометар од Скопје и член на ракометен клуб од Битола, информира портпаролот на полицијата во Охрид, Стефан Димоски.

Според полицијата, по завршувањето на натпреварот во спортската сала „Биљанини Извори“ во Охрид, при меѓусебното поздравување на играчите, тој физички го нападнал К.А., помошен тренер на домашниот клуб. По целосно расчистување на случајот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Натпреварот беше дел од македонската машка ракометна Суперлига, а ГРК Охрид направи изненадување со победа над актуелниот шампион, Еурофарм Пелистер од Битола.

Според извештајот на „Охрид њуз“, по завршувањето на натпреварот, ракометарот на битолската екипа, Дејан Манасков, ги загубил нервите и физички го нападнал помошникот на тренерот на ГРК Охрид, Крсте Андоновски.

Сепак, денеска РК Еурофарм Пелистер ја демантираше информацијата дека Манасков бил приведен:

„Дејан Манасков беше повикан на информативен разговор во СВР Охрид и по тоа пуштен дома. Ги демантираме сите медиумски извештаи дека нашиот играч бил приведен.“

CATEGORIES
Share This