МАКРОН ОСТРО ПРОТИВ НОВИТЕ АМЕРИКАНСКИ ЦАРИНИ: Бара итни контрамерки од ЕУ
Во објава на социјалната мрежа Х, Макрон ја осуди одлуката на Вашингтон и упати повик до Европската комисија да преземе решителни чекори.

Францускиот претседател Емануел Макрон остро реагираше на најавените царини од 30 отсто што американскиот претседател Доналд Трамп планира да ги воведе за увозот од Европската Унија и Мексико, почнувајќи од 1 август.
Во објава на социјалната мрежа Х, Макрон ја осуди одлуката на Вашингтон и упати повик до Европската комисија да преземе решителни чекори:
„Со европско единство, повеќе од кога било, Комисијата треба да ја потврди решеноста на Унијата одлучно да ги брани европските интереси. Пред сè, тоа подразбира забрзување на подготовката на веродостојни контрамерки, со мобилизација на сите инструменти кои ѝ стојат на располагање, вклучувајќи ги и мерките против принуда, ако до 1 август не се постигне договор“, порача Макрон.
Тој ја потврди поддршката на Франција за Европската комисија и повика на интензивирање на преговорите за да се постигне заемно прифатлив договор со САД, со цел да се избегне понатамошна ескалација на трговските тензии.
„Потенцијалниот договор мора да го одразува почитувањето што трговските партнери како Европската Унија и Соединетите Држави си го должат едни на други, со своите заеднички интереси и интегрирани вредности“, истакна францускиот претседател.
Во меѓувреме, најавата на Трамп предизвика загриженост и во други европски земји. Според дипломатски извори, Италија, Холандија и Германија веќе се консултираат со Брисел за заеднички одговор.
Американскиот претседател претходно денеска преку профилот на Трут Соушл објави копии од писмата испратени до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и до новоизбраната претседателка на Мексико, Клаудија Шајнбаум, во кои ја образложува својата одлука.
Соочени со ризик од трговска војна, сите очи сега се вперени во Брисел, каде се очекуваат итни консултации на највисоко ниво. Европската Унија веќе сигнализираше дека е подготвена да ги заштити своите економски интереси доколку не дојде до повлекување на одлуката од американска страна.


