МАКЕДОНСКОПТО ПРАШАЊЕ СЕ УШТЕ НЕ Е ЗАТВОРЕНО Една година од работењето на „Беломорски клуб читална“
Клубот, основан со цел да го одржува отворено прашањето за Македонците со потекло од Егејска Македонија, има и едукативна улога - да ја пренесе љубовта кон татковината на младите генерации.

Со присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министри, градоначалници и претставници од неколку министерства, вчера свечено беше одбележана една година од основањето на „Беломорски клуб читална“. Настанот се одржа во просториите на клубот, кој веќе располага со библиотека од над 300 книги, достапни за сите заинтересирани посетители.
Клубот, основан со цел да го одржува отворено прашањето за Македонците со потекло од Егејска Македонија, има и едукативна улога – да ја пренесе љубовта кон татковината на младите генерации. Како што беше нагласено на настанот, читалната претставува место каде граѓаните можат да најдат и прочитаат значајни податоци и документи поврзани со историјата и идентитетот на македонскиот народ.
Во своето обраќање, основачите и членовите на клубот упатија искрена благодарност до Владата за континуираната поддршка во изминатите години. Во знак на признание, на премиерот Мицкоски му беше доделена благодарница за неговата поддршка.
„И во 21 век се обединивме и го поразивме тоа што седум години го тероризираше македонскиот идентитет и народ. Денес тој мрак е во длабока опозиција, а нашата задача е да го вратиме достоинството што некогаш го имавме,“ изјави премиерот Мицкоски, упатувајќи порака за единство и истрајност во зачувување на националниот идентитет.
Настанот помина во духот на благодарност, културна промоција и посветеност на националното прашање.


