МАКЕДОНСКО-УНГАРСКИ БИЗНИС ФОРУМ – Нови партнерства, средба со Орбан

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска се обрати на бизнис форумот во Будимпешта, на тема „Ден на деловна соработка помеѓу Унгарија и Македонија“. Настанот ги обедини претставниците на институциите и деловните заедници од двете земји со цел продлабочување на економските односи, размена на искуства и отворање нови инвестициски перспективи.
Во своето обраќање, премиерот Мицкоски нагласи дека ваквите форуми се повеќе од платформа за размена на идеи и тие се конкретен механизам за воспоставување нови партнерства и зајакнување на економската соработка. Тој потенцира дека директната комуникација меѓу компаниите е клучна за создавање нови деловни модели, отворање пазари и поттикнување одржлив економски раст.
Мицкоски посочи дека новата авиолинија Скопје-Будимпешта претставува значаен чекор за подобрување на поврзаноста меѓу двете држави, со придобивки не само во мобилноста, туку и за бизнис соработката, инвестициите и туризмот. Тој изрази уверување дека директната врска ќе ја забрза економската динамика и ќе отвори простор за нови иницијативи и проекти.
Во делот за економските перформанси, премиерот истакна дека Владата спроведува политики за создавање стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина. Како резултат, во 2024 година државата забележа историски највисок износ на странски директни инвестиции од околу 1,25 милијарди долари, што ја рангира меѓу водечките европски дестинации по инвестиции по глава на жител.
Мицкоски се осврна и на политичката стабилност и институционалниот капацитет на Владата, истакнувајќи дека стабилното парламентарно мнозинство и континуитетот на изборните победи обезбедуваат сигурна основа за спроведување реформи и долгорочен економски развој. Тој нагласи дека реформската агенда, владеењето на правото, борбата против корупцијата и дигиталната трансформација се клучни за привлекување нови инвестиции.
Во својот говор, премиерот ја потенцираше и европската перспектива на земјата, нагласувајќи дека, и покрај предизвиците, Македонија останува фокусирана на исполнување на реформските критериуми и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Мицкоски упати порака до деловната заедница дека Македонија е отворена за инвестиции и партнерства, со поволни услови, стратешка географска позиција и квалификувана работна сила. Тој ги охрабри унгарските компании да разгледаат инвестициски можности во земјата, додека македонските компании се подготвени да се проширaт на унгарскиот пазар.
На крајот, премиерот изрази уверување дека форумот ќе резултира со конкретни договори, нови деловни врски и долгорочни партнерства за економски развој на двете земји. На настанот учествуваа десетици македонски компании, кои директно се вмрежуваа со унгарската бизнис-заедница.
Покрај тоа, Мицкоски оствари значајна средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, каде разговараа за продлабочување на економската соработка, нови инвестиции и конкретни проекти со придобивки за граѓаните.
„Унгарија е наш искрен и докажан партнер, а заедничките вредности, меѓусебната почит и силната соработка се темел на нашето стратешко партнерство“, посочи Мицкоски.
