МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ ЗАРАБОТИЛЕ 224 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДЕВЕТ МЕСЕЦИ Но профитот им е помал за 10,7 милиони евра
Кредитите и депозитите бележат раст, но повисоките трошоци и намалените приходи од одредени активности ја намалиле чистата добивка на банкарскиот сектор.

Банките во Македонија за првите девет месеци од 2026 година оствариле нето-добивка од околу 224 милиони евра, но заработката им е намалена за 10,7 милиони евра во споредба со истиот период лани. Според податоците на Македонската банкарска асоцијација, вкупната добивка заклучно со септември изнесувала 13,8 милијарди денари, наспроти 14,46 милијарди денари во 2025 година.
Иако приходите од камати пораснале за околу 14 милиони евра, врз конечниот резултат влијаеле повисоките расходи за камати, зголемените трошоци за вработените и другите оперативни трошоци. Дополнително, приходите од наплата на претходно отпишани побарувања се намалиле од 29,3 на 16,9 милиони евра.
И покрај пониската добивка, банкарскиот сектор бележи раст на активностите. Вкупната актива достигнала 970,7 милијарди денари, што е околу 10 проценти повеќе во споредба со лани. Кредитите пораснале за 14,2 проценти, достигнувајќи 609,7 милијарди денари, додека депозитите се зголемиле за 9,3 проценти, на 686,9 милијарди денари.
Намалена е и профитабилноста на банките. Повратот на активата се спуштил од 2,26 на 1,9 проценти, а повратот на капиталот од 17,5 на 14,9 проценти.

