МАКЕДОНСКИ ПРАВОСЛАВЕН КАЛЕНДАР Денес се празнува Света мироносица Марија Магдалена
Според православниот календар, денес се празнува Света мироносица Марија Магдалена, една од најпочитуваните светици, наречена и рамноапостолна, бидејќи прва го видела воскреснатиот Христос и почнала да го проповеда неговото воскресение.

Марија Магдалена потекнувала од градот Магдала, од каде го добила и името. Според Светото Писмо, Исус од неа истерал седум демони, по што таа му се посветила со целото срце и го следела до самиот крај – дури и при неговото распнување на крстот. По воскресението, таа продолжила со апостолската мисија и му помагала на Свети Јован Богослов при проповедта во Ефес, каде и го завршила својот земен живот. Во 5 век, нејзините мошти биле пренесени во Цариград.
Во народната традиција, празникот е познат како Блага Марија, за која се верува дека е сестра на Свети Илија. Иако не е обележан со црвено во црковниот календар, денешниот ден се смета за неработен, особено за жените, и не се извршуваат домашни и полски работи.
Се верува дека жените што ќе отидат во црква, запалат свеќа и се помолат за една искрена желба, таа ќе им биде исполнета.
Празникот на Благата Марија е длабоко вкоренет во народната духовност и претставува симбол на женската преданост, верба и молитвена сила.


