МАКЕДОНИЈА ИМА СВЕТСКИ ШАМПИОН Марко Џорлев го освои златото во Полска
Штипјанецот го победи Унгарецот Адам Ваги со 4:1 во финалето на Светското првенство во карате за кадети, јуниори и У-21. Џорлев триумфираше во категоријата до 63 килограми и донесе голема радост за македонскиот спорт.

Македонскиот каратист Марко Џорлев оствари извонреден успех, освојувајќи го златниот медал на Светското првенство за кадети, јуниори и натпреварувачи до 21 година, кое се одржува во Бјелско-Бјала, Полска. Членот на Карате клубот „Штип“ во финалната борба во категоријата до 63 килограми го совлада претставникот на Унгарија, Адам Ваги, со убедливи 4:1 и се искачи на светскиот врв.
До финалето, Џорлев забележа победи над каратисти од Куба, Гвајана, Летонија и Панама, потврдувајќи ја својата одлична форма на шампионатот. Неговиот успех предизвика големо воодушевување кај тренерите Сашко и Жарко Арсовски, кои на социјалните мрежи ја споделија радоста од историскиот резултат.
„Македонија има светски шампион, Штип има светски шампион, Карате клуб Штип има светски шампион. Радувај се, Македонијо! Фала му на Господ за сѐ“, напишаа Арсовски.
За Џорлев ова е уште еден голем резултат во младинската конкуренција. Тој претходно триумфираше и на Светската младинска лига во Пореч, а со новиот успех се наметнува како еден од водечките каратисти во својата категорија.
Македонија утре ќе има уште еден претставник во борбата за медал. Реџеп Рушити ќе се бори за бронзено одличје на истото првенство. Златото на Марко Џорлев е голем успех за македонското карате и уште една причина за гордост на Штип и цела Македонија.

