МАКЕДОНИЈА ВЛЕГУВА ВО ЕВРОПСКАТА ГАСНА МРЕЖА Голем енергетски чекор веќе во септември

Преку интерконекторите со Грција и Србија земјава ќе добие пристап до нови извори на гас и LNG, а инфраструктурата е предвидена и за идниот транспорт на 100% водород.

МАКЕДОНИЈА ВЛЕГУВА ВО ЕВРОПСКАТА ГАСНА МРЕЖА Голем енергетски чекор веќе во септември
Фото: Принтскрин

Македонија се подготвува во септември официјално да се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор, информира министерката за енергетика Сања Божиновска преку објава на „Фејсбук“.

Таа посочува дека приклучувањето претставува значајна стратешка можност земјава да стане важна алка во европската енергетска мрежа.

Преку интерконекторите со Грција и Србија, Македонија ќе добие пристап до нови извори и правци на снабдување со природен гас, како и до течен природен гас (LNG). Според Божиновска, со тоа ќе се зголеми енергетската сигурност и ќе се намали зависноста од еден извор на снабдување.

Министерката додава дека интерконекциите се планирани и за транспорт на 100 отсто водород, со што Македонија се позиционира и за идниот развој на европската водородна инфраструктура.

„Повеќе извори, поголема сигурност и посилна регионална поврзаност“, порача Божиновска.

CATEGORIES
Share This