МАКЕДОНИЈА СРУШЕНА ВО КОПЕНХАГЕН – 4:0 за Данска
Три грешки, три гола за само 10 минути и нашите фудбалери не успеаа да обезбедат место на Мундијалот.

Македонскиот фудбалски национален тим синоќа во Копенхаген, против домаќинот Данска, не успеа да обезбеди поволен резултат во бараж дуелот кој можеше да нè однесе на следното Светско првенство во САД, Канада и Мексико.
Нашите загубија убедливо со 4:0, во игра која, за жал, не смее да се повтори. Оваа средба треба да ја запомниме единствено како лекција и како не треба да се игра.
Македонија синоќа буквално се „смрзна“ на ветерот во Копенхаген. Домаќините велат дека ова е Скандинавија и ветерот доаѓа од северното море. Но, ветерот не „смрзна“ и реалноста ни покажа дека засега не сме подготвени за Мундијал. Има многу работа пред нашиот табор.
Селекторот Седлоски имаше само три дена да го имплементира својот план, а тоа за жал функционираше само во првиот дел од натпреварот. Во тие 45 минути дозволивме удари од далечина, но не и реални зицер-ситуации пред голот на Столе Димитриевски. Тој првиот дел го одбрани супериорно, но во продолжението и неговата игра се „смрачи“.
По паузата Македонија излезе исплашена, несигурна и поинаква. Три грешки доведоа до три гола во само десет минути, и потоа мечот беше готов.
Дали треба да бидеме лути на себе? Да, затоа што фудбалерите знаат дека можат многу подобро и тоа го покажале и во минатото.
Дали треба да бидеме тажни? Секако. Не секој ден имаш шанса да играш бараж за Мундијал и да си на само 180 минути од најголемата светска фудбалска сцена.
Македонија мора да ги излекува тие „детски болести“ и дека на високо ниво не се игра 45 или 60 минути, туку цели 90. Дека секоја грешка скапо се плаќа и ништо не се простува.


