МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ПОВТОРНО НА ИСТА МАСА – Дали конечно се движи блокадата кон ЕУ?
Македонската страна повторува дека идентитетските прашања не се за преговори.

На маргините на министерскиот состанок на НАТО во Хелсингборг, Кралството Шведска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, одржа средба со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Велислава Петрова.
На средбата беа разменети ставови за билатералните односи, регионалната соработка и процесот на европска интеграција на државата. Во таа насока, министерот Муцунски ја истакна потребата од изнаоѓање решение за билатералното прашање кое го забавува отворањето на пристапните преговори со Европската Унија, повторувајќи ги позициите на Владата и нагласувајќи дека прашањата поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на преговори.
Посебен акцент беше ставен на значењето на Коридорот VIII и потребата од забрзување на активностите за отворање на граничниот премин „Клепало“, како важен сегмент на регионалната инфраструктурна и економска поврзаност.
Министерот Муцунски го отвори и прашањето за почитувањето на правата на македонското малцинство во Бугарија, нагласувајќи ја потребата од доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
