МАКЕДОНИЈА ДОБИ ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР – „Оне Македонија“ стартува со 5G

Првично ќе работи во Скопје и ќе користи национален роаминг додека се изгради сопствена мрежа.

МАКЕДОНИЈА ДОБИ ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР – „Оне Македонија“ стартува со 5G
Фото: Принтскрин

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денес свечено му додели на унгарскиот мобилен оператор „Оне Македонија“ лиценца за користење на 5G радиофреквенциски спектар. Компанијата најави дека своите услуги ќе ги започне во првиот квартал на 2027 година, прво на територијата на Скопје, додека не изгради сопствена мрежа со целосна покриеност на државата. Во меѓувреме, ќе користи мрежата на постојните два мобилни оператори за национален роаминг.

На свеченоста, директорот на АЕК, Јетон Акику, им ги врачи одобренијата на Пал Заранди, претседател на одборот на директори на „Оне Македонија“ и директор на стратегии во Групацијата 4иГ, на извршниот директор Бране Ѓуровиќ и на заменик-извршниот директор Габор Алтман.

„За да бидеме целосно независни, тоа ќе бара време, па затоа ќе ја користиме мрежата на нашите конкуренти за национален роаминг. Првично ќе стартуваме во Скопје, а потоа и во целата држава“, изјави Заранди.

Тој додаде дека компанијата има договор со шведски „Ериксон“ и дека ќе се придржува до законските регулативи за безбедност на мрежата.

Игор Бојаџиев од АЕК соопшти дека „Оне Македонија“ на 14 јануари уплатил еднократен надомест од 8.020.003 евра, со што ги исполнил сите услови за добивање на лиценците.

Заранди најави дека компанијата очекува значителен удел на пазарот, додавајќи дека во други држави новиот оператор брзо се наметнал преку понуда на поквалитетни услуги. Тој го пофали и транспарентниот процес на тендерот, кој според него испраќа јасен сигнал дека Македонија е посветена на фер конкуренција, долгорочни инвестиции и развој на доверливи дигитални инфраструктури.

Според планот, до крајот на март 2027 година „Оне Македонија“ треба да покрие еден град со 5G, до крајот на 2028 година главните транспортни коридори да имаат непрекинат 5G сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови да бидат покриени. До 2032 година се очекува секој граѓанин да има пристап до интернет преку 5G со минимална брзина од 100 Mbps.

Процесот за воведување на трет мобилен оператор почна минатата година, кога Групацијата 4иГ преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“ на 17 декември 2024 година достави писмо за намери до АЕК. На 22 април 2025 година АЕК отвори јавна расправа, на која се пријавија три компании: „Оне Македонија телекомуникации“, „Битстрим мобиле“ и „Е&ппф телеком груп Б. В.“. Единствен квалификуван понудувач на тендерот беше „Оне Македонија телекомуникации“, а одлуката за избор на најповолен понудувач беше донесена на 12 јануари 2026 година.

CATEGORIES
Share This