ЛУКОИЛ ПОД САНКЦИИ, НО СО МОЖЕН КУПУВАЧ – Карлајл сака да купи милијарди долари вредни активи на „Лукоил“

Американската компанија размислува за лиценца од САД за финализирање на трансакцијата.

ЛУКОИЛ ПОД САНКЦИИ, НО СО МОЖЕН КУПУВАЧ – Карлајл сака да купи милијарди долари вредни активи на „Лукоил“
Фото: Национал

Американската компанија за приватен капитал „Карлајл“ разгледува можност за купување на странските активи на рускиот нафтен гигант „Лукоил“, според три извори запознаени со ситуацијата, јави „Ројтерс“.

САД воведоа санкции против „Лукоил“ како дел од обидите да го притиснат Кремљ за продолжување на мировните преговори околу војната во Украина. Поради тоа, беше блокиран и обидот на „Лукоил“ да продаде свои средства на швајцарската трговска компанија „Гунвор“ пред рокот за санкции на 21 ноември.

„Лукоил“ произведува околу 2% од глобалната нафта и е во потрага по купувачи за своите меѓународни средства, кои учествуваат со повеќе од 0,5% од светската нафтена продукција и се проценети на околу 22 милијарди долари според извештаите од 2024 година. Еден од изворите наведува дека „Карлајл“ е во раната фаза на разгледување на купувањето на овие средства.

Компанијата размислува да аплицира за американска лиценца за купување на активите, по што би следела темелна анализа на финансиската и оперативната состојба на средствата. Изворите исто така нагласуваат дека „Карлајл“ сè уште може да се повлече од процесот.

Друг извор изјави дека „Карлајл“ ја информирал „Лукоил“ за своите намери. „Карлајл“ одби да даде коментар, додека „Лукоил“ не одговори на барањето за изјава.

„Лукоил“ е најактивниот руски нафтен гигант во странство, со сопственост над три рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет и Нигерија, како и стотици малопродажни станици низ светот, вклучително и во САД. Санкциите веќе го нарушија работењето на компанијата во Ирак, Финска и Бугарија.

„Карлајл“ е една од најголемите светски компании за приватен капитал, управување со алтернативни инвестиции и финансиски услуги, со средства под управување од 474 милијарди долари.

CATEGORIES
Share This